Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова денеска од Подгорица, каде е во официјална посета изрази искрена благодарност за Црна Гора со која не обединуваат неколку заеднички визија но изрази и незадоволство од начинот на кој словенечката еврокомесарка за проширување се однесува кон Македонија.
,,Искрена благодарност до претседателот Јаков Милатовиќ за исклучителното гостопримство и отвореноста со која ја зацврстуваме соработката меѓу нашите две пријателски држави.
Со Црна Гора нè обединуваат заеднички визии и стремежи: интеграцијата во Европската Унија, зајакнувањето на регионалната стабилност и создавањето услови за економски и општествен напредок.
Верувам дека оваа официјална посета ќе остави длабоки траги во продлабочувањето на нашата соработка, поттикнувајќи нови перспективи на билатерален и меѓународен план”, порача Сиљановска Давкова од Подгорица.
Претседателка денеска на прес конференција со црногорскиот претседател Милатовиќ ја коментираше и изјавата на новоизбраната еврокомесарка за проширување, словенката Марта Кос, која се однесува на очекувањата за уставните измени во земјава.
„Имам забелешка на дикцијата на новата еврокомесарка, бидејќи кога рече – велите: ништо помалку и ништо повеќе, тоа ми личи на нешто како земи го или остави го. Тоа не е филозофија, тоа е софистицирано евромандаринство. Тоа ме плаши, бидејќи звучи како директно мешање во внатрешните работи“, истакна Сиљановска Давкова на заедничката прес-конференција со нејзиниот црногорски колега, Јаков Милатовиќ.