Синот на Трамп ќе го посети Гренланд, откако татко му порача дека „сака да го купи“

Доналд Трамп Јуниор ќе го посети Гренланд , посета која коинцидира со сугестиите на неговиот татко дека данската територија треба да биде дел од САД.

Трамп сака да го купи Гренланд

Најголемиот остров на Земјата е данска територија. По референдумот во 2008 г ѝ беше дадена проширена автономија – Данска моментално ја контролира само надворешната политика и одбраната.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп ја потврди посетата на неговиот син на неговата платформа Truth Social.

„Мојот син, Дон Џуниор, и разни претставници, ќе патуваат таму за да ги посетат некои од најпрекрасните области и знаменитости“, објави тој доцна во понеделникот.

„Гренланд е неверојатно место, а луѓето ќе имаат огромна корист ако и кога стане дел од нашата нација“,  додаде пренесува Дојче веле.

Трамп Јуниор ќе снима видео содржини за подкаст, изјави за Асошиетед прес лице запознаено со плановите.

Тој е гласен поддржувач на политиката на неговиот татко, но рече дека нема да се приклучи на новата администрација.

Данското Министерство за надворешни работи соопшти дека е запознаено за посетата.

„Бидејќи тоа не е официјална американска посета, Министерството за надворешни работи на Данска нема дополнителни коментари“, соопшти Министерството.

Гренланд се наоѓа помеѓу Атлантскиот и Арктичкиот океан, а околу 80% од него е покриен со мраз. Во него се наоѓа голема американска воена база. Има свој парламент и влада, а оваа година треба да се одржат нови избори.

Ова не е првпат Трамп да изрази интерес за американска контрола врз Гренланд. Тој имаше слични тврдења уште во 2019 година.

„За целите на националната безбедност и слободата низ целиот свет, Соединетите Американски Држави чувствуваат дека сопственоста и контролата на Гренланд се апсолутна неопходност“, рече Трамп во декември 2024 година.

Како одговор, премиерот на Гренланд Муте Егеде рече: „Гренланд е наш. Ние не сме на продажба и никогаш нема да бидеме на продажба“.

Данска ќе ја засили одбраната на Гренланд по желбата на Трамп „да го купи“