Се укинува летот Скопје – Салцбург

Унгарската авиокомпанија „Визер“ се повлекува од аеродромот во Салцбург, Австрија, со што се укинуваат линиите до Скопје, Букурешт и Лондон, пренесе СДК.

Според извештаите во австриските медиуми, линиите за Скопје и Букурешт ќе бидат укинати од 10 јануари, а летовите за Лондон ќе бидат укинати од 22 февруари. Сепак, на веб страницата на „Визер“ можат да се купат карти од Скопје за Салцбург до крајот на март.

Една од причините за повлекувањето на „Визер“ се трошоците за аеродромски такси, вели портпаролот на аеродромот во Салцбург, Александер Клаус.

„Не може да се лета за беспари. Тоа едноставно не функционира така во индустријата. Идеите на аеродромот и на авиокомпанијата беа многу различни“, изјави Клаус за австрискиот национален јавен сервис „ОРФ“.

„Визер“ укина шест линии од Скопскиот аеродром во 2024 година. Со почетокот на зимската сезона на летање укинати се летовите до Келн, Копенхаген и Стокхолм-Скавста, после Божиќ нема да има лет ни до Бремен, а од април е прекината и продажбата на билети за Салцбург. Луксембург беше укинат кон средината на јануари годинава после само два месеци летање.