Владата преку Министерството за правда подготвува измени на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Се предвидува законските измени да бидат донесени по скратена постапка, пишува порталот специјализиран за легислатива „Академик.мк“.
Како што образложуваат од Министерството за правда за порталот, во најавената подготовка на законските измени, постојниот текст на Законот е неусогласен со текстот на Изборниот законик и со текстот на Законот за судовите. Основната цел на законските измени е надминување на постојните проблеми поради неусогласеноста на законското решение со Изборниот законик и со Законот за судовите.
Со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се уредуваат начинот и постапката за решавање и спроведување на референдум, покренување на граѓанска иницијатива, свикување и одржување на собир на граѓани, како и други прашања од значење за непосредно изјаснување на граѓаните.
Референдумот е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања од надлежност на Собранието на Република Македонија, за прашања од надлежност на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, како и за други прашања од локално значење.
Претходно, спикерот Талат Џафери и лидерот на ДУИ изјавија дека името треба да се решава со договор меѓу двете држави, кој би бил ратификуван во Собранието, а премиерот Зоран Заев изјави дека спорот со Грција ќе се затвори со референдум.
Според сегашниот Закон за референдум, за тој да биде успешен треба да гласаат над 50 проценти од гласачите (над 850 илјади), а најмалку половина плус еден треба да гласаат „за“.