Премиерот Заев не исклучува дека на чело на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) повторно може да дојде Зоран Верушевски кој на чело на тајната служба беше во деведесетите години од минатиот век кога на таа позиција го наследи Добри Величковски.
Според Заев постои можност Верушевски да биде на чело на УБК но одлуката за тоа не зависи само од него.
Најавата за новата функција на Верушевски премиерот Зоран Заев ја даде по распитот во СЈО каде бил повикан да даде исказ како оштетен во случајот „Таргет“ за незаконски прислушуваните разговори.
СЈО го покрена случајот „Таргет“ на 18-ти ноември 2016-та година во кој се осомничени десет вработени од УБК дека во периодот од 2008-ма до 2015-та година незаконски прислушувале 5.827 лица, политичари бизнисмени и новинари.
Премиерот Заев пред новинарите најави дека новите директори на БЈБ и УБК се на дневен ред на денешната седница на Владата.
Зоран Верушевски беше уапсен на 25 јануари 2015 година и до крајот на мај истата година беше во притвор под сомнение за шпионажа и помагање на насилство против претставници на државни органи.
Еве што за Верушевски пишува во досието за него подготвено од порталот фактор. мк.
Верушевски потекнува од Струга. Тој е доктор на науки. Докторира во 1992 година на Факултетот за безбедност во Скопје, на тема „Терористичките акти на емиграцијата во југословенско – германските екстрадициони односи до почетокот на деведесетите години. Во биографијата на Верушевски стои и ангажманот, декан на ФОН Универзитетот на Факултетот за детективи и безбедност.
Кадар на СДСМ, сенка на Црвенковски Секогаш кога станува збор за раководни структури во МВР од редовите на СДСМ, се наметнува името на Зоран Верушевски. Кога социјалдемократите доживеаја пораз на изборите во 1998 година, заедно со нив во “опозиција” замина и овој професионалец. Следните четири години до 2002 е во длабока политичка сенка, се до септемвриската победа на СДСМ, тогаш на чело со Бранко Црвенковски.
Дамки врз неговото професионално портфолио Верушевски своевремено го напушти МВР кревајќи прав со еден доделен стан, кој наводно, бесправно го откупил, за веднаш потоа да го издава, бидејќи добил и друг – генералски, пишува фактор.мк во досието за Зоран Верушевски.
Во јавноста беше присутен и поради инцидентите во кои учествуваше неговиот син Александар Верушевски.