„Последниот повик за помирување и обединување, што го упати македонскиот премиер Христијан Мицкоски, е сериозен и политички одговорен повик, кој ја идентификува неопходноста за остварување на македонските стратегиски интереси.“ – нагласува новинарот Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Нека отстапи оној, што не го сака напредокот на Македонија!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
За помирувањето и обединувањето на повеќеслојното македонско општествено ткиво
Покрај другото, натаму во анализата се истакнува: Светот онаков како што го познававме досега доживува коренит пресврт. Во тие рамки Македонија како држава е исправена пред сериозни предизвици, кои бараат решителен одговор. Тој одговор може да се подготви само со внатрешни заеднички сили. Кога нема внатрешна кохезија, поврзаност, тогаш се случува многу лесно разнебитувањето на државата по сите основи и таа ги чувствува силно последиците од неединството. Во овие нешто повеќе од три децении независност македонското општествено ткиво не успеа да се обедини за ниту една работа, исфрлајќи го на површина многу повеќе партиската спротивставеност, која се вкорени длабоко во секоја општествена пора. Таа спротивставеност не дозволува сеопшто помирување и обединување, па дури и за прашањата од највисок национален интерес.
Таквиот пристап придонесе во ниту еден клучен историски момент во овие три децении самостојност партиите да не можат заеднички да седнат и да се договорат околу прашања, важни за интересот на државата и граѓаните. Тоа ја доведе земјата во крајно незавидна позиција, да понесе премногу жртви за и натаму да остане во европската чекалница, но и да не може дома да ги спроведе клучните реформи што ќе значат подобар живот за граѓаните, помала стапка на корупција, владеење на правото, стабилна и силна економија, како главни предуслови да се спречи иселувањето на населението.
Дојдено е време повиците за обединување да не бидат историска иконографија, туку повик од заедничката татковина
Низ годините беа упатени многу повици за обединување на секој значаен датум, што го одбележуваше државата, но тие уште однапред беа отфрлани од страна на оние, кон кои беа упатени. Времињата на водење партиски инаети минаа, крајно време е сите општествени чинители да почнат да се однесуваат сериозно и да ги стават во прв план интересите на државата и граѓаните, а личните суети да ги остават зад себе. Последниот повик за помирување и обединување што го упати македонскиот премиер Христијан Мицкоски, е сериозен и политички одговорен повик, која ја идентификува неопходноста за остварување на македонските стратегиски интереси.
„Во мојот говор на 23 октомври, Денот на Внатрешната македонска револуционерна организација, повикав на ваков тип обединување што ќе го достигне врвот со заедничка соработка на политичките чинители и Македонската академија на науките и уметностите: да создадеме долгорочна стратегија за неколку децении однапред, за да знаеме што треба да направиме и каде треба да се стремиме како држава. Добро е што е ова сѐ поприсутно во јавноста, добро е што зафаќа темел, што има свој корен. Добро е да постојат вакви расправи, во кои ќе имаме национално обединување. Секогаш сум подготвен да разговарам со секој, што има каква било идеја или предлог, којшто значи национално помирување, за да ги немаме оние секојдневни политички разлики.“ – нагласува Мицкоски.
Сличен повик и платформа за обединување неодамна понуди и движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски, кој е владин коалициски партнер. „Ова е одлука што ќе биде од општ интерес за сите граѓани. Засекогаш ќе се затвори темата, кој тоа од позиција на власт може да ги продава нашите национални и државни интереси. И на крајот Собранието ќе одлучи… Ако е прифатлива за мнозинството, ќе оди во парламент. Таму ќе биде дополнително разработена. Очекуваме дека и јавноста ќе ја коментира, експертската фела, исто така. Македонија заслужува еден ваков документ… Вакви обиди имало и во минатото, но секогаш кога ќе дојдело од лево, се негирало од десно, кога ќе дојдело од десно се негирало од лево.“ – истакна Димитриевски, образложувајќи ги причините за изготвување ваква платформа.
Неодамна и првиот човек на опозициската СДСМ Венко Филипче упати порака за „обединување во заштитата на националните интереси“.
Натпартиска стратегија од корист за националните интереси
Првпат во Македонија се случува во ист момент да дојдат повици за помирување и обединување од повеќе страни. Тоа влева надеж дека партиите почнуваат да стануваат свесни оти времињата за „играње политика“ поминаа и дека сериозните предизвици бараат сериозен и заеднички одговор на сите граѓани и колективитети на повеќеслојното македонско општествено ткиво. Но и да отпаднат, или да се повлечат сите оние, што со умисла досега го попречуваа тоа, заради користољубиви и тесногради анационални цели.
Дел од аналитичарите во ваквите повици за помирување и обединување, што доаѓаат од повеќе страни, гледаат можност шанса обединувањето конечно и да се случи. „Македонија премногу изгуби сиве овие години, токму поради внатрешните поделби и кавги. Соседите можеби имаат внатрешни политички недоразбирања, но се силно обединети околу националните интереси. Тоа кај нас недостига. Затоа е добро во најкус можен рок да се изготви државна стратегија за најважните прашања и да се расчистат сите дилеми, во која насока ќе се движи државата. Дури и кога се на власт, партиите мора да разберат дека тие не се државата, туку државата се институциите, а тие треба да постапуваат врз основа на стратегиите, донесени од сите заедно, со широк општествен консензус. Тоа е единствената исправна формула што ќе доведе до семакедонско општествено обединување и помирување. Така и ќе ги оствариме посакуваните цели, без некој да нѐ уценува.“ – заклучуваат соговорниците.