„Неодамна владата на * Македонија, која има отворени прашања со Бугарија, ја искористи политиката на враќање на сеќавањата од минатото и предложи закон, за да се пее македонската химна во сите училишта, без разлика на етничката припадност. Иако земјата ја преживеа војната во 2001 година, меѓуетничките односи и натаму се лоши, но владата настојува да ги стави во уште полоша позиција. Во овие услови постигнувањето мир и напредок во регионот станува неможно. Во наредните години сегашната политика во * Македонија може да има спротивен ефект и да предизвика внатрешни немири!“ – со ваква „прогноза“ дека „претстојат внатрешни немири во наредните години, ако не се смени политиката“ во Македонија и со неприфатливи делења политички лекции за Владата на Република Македонија се огласува Селим Ибраими, доктор по политички науки и политички аналитичар, кој престојува во Соединетите Американски Држави. Овие ставови Селими ги објави како редовен колумнист на информативниот портал на албански јазик „Порталб“ од Скопје во колумната со наслов со наслов „Колективната меморија: пречка за напредокот на Балканот“. Изнесувајќи го во случајот со Македонија и македонскиот народ бесмисленото, па дури и апсурдно тврдење дека „колективната меморија е пречка за напредокот во Балканот“, Ибраими во својата колумна изнесува уште еден став, кој има призвук на предупредување, но и на нескриена закана: „Секогаш завршувало лошо играњето со сеќавањата и историјата, особено во Балканот. Кога колективните сеќавања се пренесуваат од генерација на генерација, многу е тешко да се има лесно внатрешно помирување и добри односи со другите земји. Затоа, не е доцна да се сменат правците и политиките и да се тргне на патот на договарањата, било да се внатрешни, или надворешни.“ Како е воопшто можно да постои не само македонскиот, туку кој било друг народ во Балканот, па и во светот, вклучително и албанскиот народ, ако нема своја колективна меморија, ако нема жива и непрестајна поврзница со своето минато и со своите претци, со своите корени?! Треба ли, како што препорачува Селим Ибраими во својата колумна, македонскиот народ да ја отфрли својата колективна меморија, според нечија желба, па да тргне „среќно“ и „весело“ кон новите „хоризонти на напредокот“, без да му попречува никому во Балканот со своите колективни сеќавања, со своите корени и со својата автентична национална историја?!
Во својата колумна д-р Селим Ибрами пишува: Војната во Украина, постапките на неколку балкански држави и други чинители донесоа спомени од минатото од Киев до Скопје, повторувајќи ги траумите од минатото, кои ги имаат своите корени пред падот на Отоманската империја, Болшевичката револуција и во Студената војна. Како по закон кога владите сакаат да ги прошират границите или да зајакнат некоја идеологија, било да е верска или национална, владините функционери, политичарите и другите институции како што се медиумите и образованието, стануваат дел од митот, што мора да се одржува жив и напоредно да се шири.
Користејќи ги сеќавањата на минатото, одредени политичари се обидуваат да го одржат жив митот од минатите векови до модерните времиња како инструмент за дневна политика. Вообичаено на Балканот, колективната меморија, што ги содржи митовите од средниот, век донесе нови војни, држејќи некои балкански држави надвор од ЕУ и во трајно непријателство. Спроведувањето и толкувањето на минатото од страна на политиката и народните слоеви, денес носи висока опасност од експлозија на верски и етнички тензии, па меѓудржавни спорови, за да се зачува колективната меморија на лошите истории.
Во такви случаи, владите и образовните институции, со цел да се повикаат на историската меморија, поставуваат на сцената или во јавниот наратив одредени ликови од историјата и политиката, за да поттикнат раздор и внатре и со другите. Покрај владеењето со јавниот простор, една влада со своите политики за зајакнување на колективната меморија се стреми да го врати злото со сите средства. Пример е преименувањето на улици или јавни плоштади, што во реалноста ја докажува геополитиката на историската меморија на секој народ, вклучително и на народите во Балканот. Дневната панорама на Балканот е исполнета со елементи од минатото, почнувајќи од Косово, Босна, * Македонија и Србија.
Сето тоа натаму се манифестира со фотографии за јакнење на историската меморија, заради поддршка на национални и шовинистички проекти за нови територии, кои некои ги гледаат како продолжение на истите планови за доминација или асимилација на народите. Целта на таквите политики е да се создадат сеќавања на населението во непријателство, за никогаш да не се постигне помирување.
Затоа, покрај политизацијата на образованието, медиумите, улиците и другите јавни места остануваат места, каде што политиката на меморијата се стреми да ги одржи живи злогласните проекти. Во Балканот слични споменици намерно се поставуваат на видливи места, каде што луѓето можат да се „заразат“ од сеќавањата на политиката и минатото. Религиозни, или национални симболи се среќаваат во * Македонија, Србија, Босна и други балкански земји. Најлошиот дел е кога владите интервенираат во училишните учебници, за да ги отуѓат другите етнички групи, или да ги понижат другите етнички групи во истата земја. Овие постапки се неоправдани за земјите, кои се стремат да влезат во ЕУ некогаш.
Неодамна владата на * Македонија, која има отворени прашања со Бугарија, ја искористи политиката на враќање на сеќавањата од минатото и предложи закон, за да се пее македонската химна во сите училишта, без разлика на етничката припадност. Иако земјата ја преживеа војната во 2001 година, меѓуетничките односи и натаму се лоши, но владата настојува да ги стави во уште полоша позиција.
Во овие услови постигнувањето мир и напредок во регионот станува неможно. Во наредните години сегашните политики во Србија, * Македонија и Босна може да имаат спротивен ефект и да предизвикаат внатрешни немири. Кога колективните сеќавања се пренесуваат од генерација на генерација, многу е тешко да се има лесно внатрешно помирување и добри односи со другите земји.