На 17 дена до почетокот на Европското младинско фудбалско првенство во Полска, на кое ние ќе дебитираме, македонскиот селектор Благоја Милевски се уште не може да го состави конечниот список. Тој денеска наведе 17 имиња кои сугурно ќе патуваат и ќе играат во трите задолжителни средби од групната фаза против Шпанија, Србија и Португалија во периодот од 17. до 23. јуни, а и во условните,тие што подоцна би се играле за пласман.

Еве ги сугурните во селекцијата на Милевски. Голмани се Игор Алексовски и Дамјан Шишковски, за одбранате ќе конкурираат Ѓоко Зајков, Дарко Велковски, Висар Муслиу, Мевљан Мурати, Егзон Бејтулаи и Бесир Демири.

Кандидати за средиот ред се Бобан Николов, Енис Барди, Давид Бабунски и Даниел Аврамовски, а за делот од нападот се повикани Марјан Радески, Виктор Ангелов, Никола Ѓорѓев, Филип Пивковски и Кире Маркоски.

“За Полска одбрав 17 играчи, кои го изнесоа најголемиот товар во квалификациите за пласман на Европското првенство. Го почитував сето она што го направија. Овој список од 17 фудбалери ќе биде дополнет со 6 или 7 играчи, кои ќе бидат на камп од први до четврти јуни. Тогаш ќе ги почнеме финалните подготовки за Полска кои ќе траат до 12. јуни, кога ќе отпатуваме за Полска” рече Милевски денеска во Скопје.