Откако по локалните избори Алијанса за Албанците стана втора политичка сила во албанскиот блок во Македонија, нејзиниот лидер Зијадин Села се осили и сега бара нова распределба на владините ресори.
Како што дознава телевизија Телма, партијата има сериозна намера да излезе од Владата и ги чека само резултатите од вториот круг на 29 октомври. Од Алијанса, пак, го негираат тоа, нарекувајќи го измислица од Демократска унија за интеграција.
Алијанса за Албанците и ДУИ последниве денови во неколку наврати си упатија остри стрели. Прво Села го обвини партнерот во Владата за изборни манипулации во Струга, каде што при крајот на месецов тој ќе трча втор круг за уште еден градоначалнички мандат против интегративецот и ексградоначалник Рамиз Мерко. Од ДУИ, пак, реагираа откако Алијанса и движењето БЕСА договорија коалиција за вториот изборен круг, па вицепремиерот Бујар Османи се закани со преразгледување на владината коалиција. Таа има тенко мнозинство од 62 пратеника, од кои двајца од партијата на Села.
Додека во електоратот на македонските Албанци се загрева атмосферата пред финалето на локалните избори, Села доби поддршка од Швајцарија. Компанијата „ИСОМАТ“, во сопственост на бизнисмен од струшкото село Велешта, им нуди бесплатен авиобилет од Цирих за сите заинтересирани да гласаат за Села.