Села стана втор политички фактор во албанскиот блок

Алијансата за Албанците по вчерашните локални избори во Македонија е втора сила во албанскиот политички блок, поттиснувајќи ја Беса од таа позиција што ја имаше по ланските парламентарни избори.

Партијата на Зијадин Села на листите за советници освои вкупно 49.162 гласа или 23 проценти од електоратот на македонските Албанци, а Беса 46.534 гласа или 22 отсто.

Демократската унија за интеграција го задржа приматот кај Албанците од Македонија со 89.618 освоени гласови на листите за советници, што претставува 42 проценти од гласачкото тело на втората по бројност етничка заедница во државата.

ДПА на Мендух Тачи продолжува да тоне и со 16.873 гласови за советници или осум отсто е четврта во ова рангирање.

Во однос на изборите за градоначалници само ДУИ од партиите на Албанците во Македонија однесе победа во првиот круг, и тоа во две општини – Кичево и Пласница.