Села одлучи – Што добива за влез во владата?

Партијата на Зијадин Села „Алијансата за Албанците“ одлучи да биде дел од новата влада во која што ќе добие две министерски места – за здравство и за локална самоуправа, соопшти доцна вечерва партијата.

Лидерот на Алијансата, Зијадин Села објави дека партијата нема само да дава политичка поддршка за владата како што најавуваше предходно туку дека активно ќе работи на владините програма. Села не коментираше во колкав обем владата на Заев ќе ја спроведе Тиранската платформа која според него беше услов за влез во владата.

„Вечерва Движењето за реформи на ДПА имаше централно претседателство на кое одлучивме да бидеме дел од владата, а не само да и дадеме поддршка. Како Алијанска на Албанците ќе добиеме две министерства. На Движењето за реформи -ДПА ни следува едно министерство за здравство, со кое ќе раководи Арбен Таравари а второто локална самоуправа ќе го добие Националната Демократска преродба кои што ќе треба да информираат за името“, изјави Лидерот на Алијансата.

Села најавува дека ДР-ДПА не размислува за учество во владата само преку кадровски решенија туку како иницијатива за длабоки и вистински реформи за да се врати надежта во општеството за сите граѓани.

Лидерот на Алијансата  нема никаков сомнеж дека владата на Заев може да функционира без проблем и покрај тоа што за неа ќе гласаат само 62 пратеници. Тој ја исклучува можноста на 15 октомври паралелно со локалните да се одржат и парламентарни избори.

Медиумите на албански јазик пред неколку дена објавија дека од страна на албанско – американската заедница и влијателни американски лобисти од Села се барало да се откаже од неговите радикални ставови со цел Македонија да добие влада во која што Албанците ќе ги остварат своите стратешки барања.