На вчерашниот централен митинг на Алијанса за Албанците одржан на плоштадот Скендербег во Скопје лидерот на партијата најави формирање на „Заедница на албански општини во Македонија“.
Во својот говор Зијадин Села не даде детали за начинот на кој што ќе се формира ваква асоцијација која што за голем дел од неалбанците во Македонија е симбол на федерализација или нарушена унитарност на земјата.
Според македонските закони дозволено е повеќе општини да влезат во некаков вид на асоцијација доколку имаат заеднички интереси во комуналните или другите јавни служби но не е дозволено формирање на асоцијација во која општините би се зачленувале на етничка или верска основа.
Зијадин Села пред присутните се пофали дека е најзаслужен за изборот на Талат Џафери за спикер на парламентот и побара мобилизација на сите Албанци во Македонија.
Уверен е дека Алијанса за Албанците е партија која што ќе им го врати достоинството на Албанците во Македонија и најави дека токму неговата партија по овие избори ќе биде најголемата во албанскиот политички блок.
Села најави дека по локалните избори албанскиот јазик ќе се употребува на целата територија на државата.