Села го познавал Таравари како лажго, а тој него како близок соработник на Ахмети и на Тачи

Донеодамнешните партиски првенци на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и Арбен Таравари, чии патишта се разделија пред неодамнешните избори, јавно си разменија отровни стрели еден за друг.

„Пред сè, морам да прокоментирам за човекот кој е вистинит, го познавам подобро од целата јавност, а кога кажува лаги за лаги, тоа е голем проблем бидејќи во оваа димензија го знам како лажго. Имаме 30 илјади гласови повеќе од нив, не лажевме, изборите ги добивме како фронт. Потоа, вели дека тие се дел од Владата, колку што знам уште не е формирана влада, господинот Таравари сè уште не станал министер и не знам дека сè е завршено со преговорите.
Тој излезе и рече дека ако има еден глас помалку ќе се повлече, а не само што загуби со еден глас, туку загуби на претседателски и на парламентарни избори, изгуби во својот град и повторно не видовме дека се повлече. Ваквите статуси на Фејсбук не се за коментирање затоа што служат на тој натпревар што јас го нарекувам грешка, на албанскиот политички фактор му треба обединување на ставот, преговарачка маса, а не да се натпреварува кој е најблизок до Мицкоски или со кој било друг“, рече Села на ТВ Клан Македонија.

„Села го познавам како мој поранешен близок соработник 9 години во опозиција и во моментов како близок соработник на Али Ахмети и на Мендух Тачи…“, му реплицира Таравари на Фејсбук.