Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, ретерира од неодамнешните тешки навреди за македонскиот народ, за кои сега тврди дека не ги кажал, односно дека бил „изваден од контекст“.
„Вие сте наседнале на целата кампања што ја водеше ВМРО-ДПМНЕ пред да се случи 27 април. Тоа беше кампања насочена против мене, имајќи предвид дека јас го правев мнозинството од 61 пратеник во Собранието“, изјави Села во интервјуто на ТВ Телма во рамките на емисијата „Топ тема“. „Во врска со тие изјави, не е баш така. Тоа е извадено од контекст. Едно е ‘не постоеле пред 100 години’, а сосем друго дека во пописот направен од турската империја пред 100 години во графата на народи Македонците не постоеле. Тоа е мојата изјава, а тоа се и историски факти. Јас не сум живеел пред 100 години, па да знам дали постоеле или не постоеле“.
Пратеникот, кој в недела ќе трча втор круг за нов градоначалнички мандат во Струга, негира и дека Македонците ги нарекол варвари и канибали. Варвари, вели, дека ги нарекол луѓето што физички го нападнаа во Собранието на 27 април, а зборот „канибали“ не го ни употребил.