Рускиот претседател Владимир Путин е попосакуван од македонските граѓани за лидер на Македонија од Доналд Трамп, но речиси половина од анкетираните не би ги избрале за тоа ни двајцата, покажува истражувањето на „Галуп интернешенел асосиејшн (ГИА)“.
На прашањето „ако треба да изберете меѓу претседателите Трамп и Путин да ја води вашата земја, кој од нив би избрале – Трамп или Путин“, 29 проценти од испитаниците во Македонија се определиле за Путин, 18 отсто за Трамп, а 46 отсто ниту еден од нив.
На прашањето, пак, „кого претпочитате: како веројатно најмоќна држава во светот САД да продолжи да води глобално или САД и Русија би требало да практикуваат глобално лидерство заедно“, за 44 проценти од анкетираните во Македонија се неприфатливи и двете опции, 26 отсто ја преферираат втората, а за првата се 22 отсто.
Путин е попосакуван за лидер на својата земја и во светски рамки, каде што соодносот со Трамп е 29:17 проценти за претседателот на Русија, но 45 отсто од жителите на планетата не би избрале ниту еден од нив двајцата.
Во однос на лидерската улога на државно ниво, пак, за 25 проценти од испитаниците е поприфатливо заедничко лидерство на САД и на Русија, 19 отсто сакаат Американците да продолжат да бодат, а 43 отсто не се ни за едните ни за другите.
Ова 41. годишно истражување на „Галуп интернешенел“ е спроведено во периодот од октомври до декември минатата година во 55 земји во светот, при што биле анкетирани 54.569 луѓе, односно по околу 1.000 во секоја земја.