Во моментите кога Македонија го решава најважното прашање во својата историја а земјата се наоѓа на пресвртница дали ќе стане дел од западната цивилизација или ќе остане како скретничар да се мачи на крстосницата меѓу западот, Русија и Блискиот исток политичките актери како никогаш порано испраќаат конфузни и прилично нејасни пораки.

Мала споредба со Грција каде што за името зборуваат исклучиво министерот Коѕиас и портпаролот на владата Ѕанакопулос ќе покаже дека кај нас на оваа тема говори кој ќе стигне и притоа две од три изјави предизвикуваат контроверзи.

Уште поголем проблем е што на темата се помалку говори министерот Димитров кој како екс преговарач е најдобар комуникатор за прашањето за името што досега неколку пати го потврди и во Грција и во Македонија.

Освен ако тој не е „замолен да се смири“ откако рече: Ако е во прашање идентитетот решение нема да има, што е спротивна на премиерската изјава за „непостоење на црвени линии“, владата има сериозен проблем да увиди дека галијаматисот создаден од голем број пораки со различна содржина може да има сериозни последици за целиот процес.

Сите актери инволвирани во флоскулата „Државно – владин“ врв делуваат крајно некоординирано и збунето како да се прв пат во политиката. Овој впечаток не го подобри и средбата на триесетина уредници со премиерот кој од нив побарал да бидат конструктивни но притоа не им дал ниту една валидна информација за спорот за името и дополнително го зголеми стравот дека „лошо ни се пишува“.

Новинарите всушност уште не се свесни дека беа злоупотребени од страна на владата. Средбата според дел од присутните имала само една употребна вредност а таа е да биде искористена како одговор на грчките барања „јавноста да се подготви за решението“. Според учесници на неа токму затоа премиерот ги повикал уредниците на „брифинг без информации“ за да може пред Коѕиас и Ципрас да се тврди дека владата навистина преку новинарите ја подготвува јавноста за решението.

Тоа што пораките од брифингот со премиерот во јавноста ги пренесе само еден медиум за кој дел од присутните велат дека воопшто не е медиум и притоа се колнат дека тие не се пренесени соодветно, доволно говори за хаосот кој ако не се спречи, допрва, со почетокот на вистинските преговори ќе се продлабочува.

Иако прашањето за улогата во критичните моменти за името може да се постави и на опозицијата која избегнува прецизно да ја објави својата платформа за преговори (новиот лидер десетина дена не е во земјава – Брисел и САД) главното прашање: „Има ли пилот во авионот“ сепак мора да се упати на владата.

Особено затоа што премиерот се уште тврди дека во Давос не е договорено ништо а веднаш откако Коѕиас го прозва Заев јавно да објави каков договор паднал во Швајцарија тој кажа дека Македонија прифаќа географска одредница и со тоа лаконски , како да кажал виц, ја зацементира македонската позиција во наредниве 100 години.

Ако за односите меѓу СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ во контекст на името е јасно дека опозицијата ќе се обиде целата одговорност да ја префрли на власта што ќе биде огромен капитал на следните избори сосема е нејасно што се случува меѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ.

Зошто Заев се согласува ДУИ во текот на најкритичните моменти да води кампања користејќи го името а Али Ахмети и Артан Груби во стил на големи дипломати и познавачи на спорот искажуваат ставови кои најблаго кажано се недипломатски.

Јасен е обидот на ДУИ пред гласачите кои 10 години чекаат да ги внесат во ЕУ и НАТО, да присвои дел од поените за утре на избори да кажат дека токму тие се најзаслужни за придвижувањето напред.

Но целосено нејасни се настапите на Али Ахмети кој рече дека Македонија сега нема име по што мораше да биде дообјаснуван со недоветно објаснување дадено ни помалку ни повеќе туку од вицепремиерот за европски интеграции. Како Бујар Османи да нема поголеми проблеми со агендата 3 – 6- 9 која што уште малку ќе застари а работите за кои таа говори се уште се на мртва точка поради што Прибе од срам, во Македонија не сака да дојде ниту на бањско лекување.

Уште позбунувачки останаа средбата на Артан Груби со Метју Нимиц во Њујорк и изјавите дека решението е готово и сега се работи само на деталите.

И на крајот за лошата координација во СДСМ каде што лидерот и премиер Заев зборува за можен референдум а вечерта истиот ден неговата заменичка Шеќеринска вели дека не треба да се зборува за референдум се додека немаме конкретно решение за името.

Практично единството меѓу сите политички чинители а тука е и претседателот Иванов кој чека на информации од владата и избегнува било какви коментари, не постои, иако тоа е дел од партиските програми со децении.

Во моментите кога тоа навистина ни е потребно, наместо единство имаме различни пораки од македонскиот и албанскиот фактор, на претседателот и владата, на министерот за надворешни и премиерот, на премиерот и вицепремиерот Османи, на СДСМ и ДУИ, на Заев и Шеќеринска.

Или можеби повторно новинарите измислуваат и не ги разбираат работите и затоа треба да молчат за работите што не ги разбираме, како што не подучи пред некое време еден висок владин функционер.