Мажите и жените да одат подоцна и на иста возраст во пензија, покачување на придонесот за пензиско осигурување за 2,2%, укинување на швајцарскиот модел за раст на пензиите согласно платите и трошоците за живот. Ова се само дел од предлозите на Светска Банка за подобрување на јавните финансии нотирани во последниот извештај. Светска банка смета дека преголемите исплати од буџетот кој обезбедува 37% од вкупната сума на пензии мора да се намалат. Доколку не се воведат никакви реформи, за неполни 30 години, бројот на пензионери ќе го надмене бројот на вработени.
„Во поглед на пензиите треба да се зголеми придонесот бидејќи е мал, 18,8%. Треба да биде во комбинација со постепено зголемување на возраста за пензионирање“ – вели Сања Маџаревиќ Шујстер – Светска Банка.
„За 2025 и 2026 година тој процент достигнува 37-38 проценти од вкупните исплати за пензии и тоа не е нешто што не е вообичаено, меѓутоа ние укажуваме дека тој обем претставува сега товар и за самиот буџет. “ – вели Глигор Бишев – Фискален Совет.
За да се наполни повеќе државната каса, Светска банка препорачува да се подобри наплатата преку елиминирање на сивата економија, ДДВ од 19%, покачување на стапките на данок на добивка и сите форми на капитален доход на 15%, поголеми акцизи на цигарите и алкохолот. Директорката на УЈП вели дека оваа Влада не размислува за зголемување на стапката на ДДВ. Таа смета дека треба да се соберат повеќе даноци преку елиминирање на даночното затајување.
„Ние работиме во рамките на политиките на Владата, фискалната стратегија, тоа се политики за одржување на ниски даночни стапки, а собирањето или мобилизацијата на даночните приходи треба да ја обезбедиме во тие услови на ниски даночни стапки со проширување на даночната база, со интегрирање на сивата економија во формалната економија и со разни други мерки коишто ќе се однесуваат на намалување на сите други даночни гафови, односно загуби на даночни приходи заради даночна евазија заради нецелосно и неточно плаќање на даноците“ – вели Елена Петрова – директор на Управа за јавни приходи.
Премиерот Мицкоски рече дека Владата не размислува да ја зголеми старосната граница за одење во пензија, ниту пак ќе се чепка во придонесот за пензиско осигурување. Од финансии велат дека активно работат на фискална консолидација. Меѓу другите предлози на Светска Банка се и ревидирање на позитивната листа на лекови, укинување на субвенциите за тутунот, елиминирање на тендерите на кои се појавува и избира само една компанија.