Екс премиерот Костас Караманлис последниве недели е под „пријателски оган“ на Американците во врска со спорот за името со Македонија.
Додека во Скопје се случува зголемена активност за спорот за името американските претставници во Атина се обидуваат да му пристапат на поранешниот премиер.
Главна улога во овој обид има американскиот амабсадор Џефри Пајет, тврди порталот 24/7 според кој Американците ги користат сите можности за да му се доближат.
Пајет е амбасадор на САД во Грција од септември кога дојде од Украина каде што беше на служба додека се менуваше режимот на Јанукович со новите украински власти на Порошенко.
Обидите на САД се поврзуваат со двете главни теми на кои сега е фокусирана официјална Атина, преговорите за Кипар и решение на спорот за името. Според порталот како дел од обидот на САД се смета и неодамнешниот говор на Пајет на настан организиран од „Фондацијата Караманлис“ кој што за многумина во Атина бил изненадување а се случил пред мал број на избрани гости.
Само неколку денови предходно Пајет бил главен говорник и на настан на настан на партијата Неа Демократија заедно со претседателот Киријакос Мицотакис. Овој настан во чест на јубилејот 70 години од „Маршаловиот план“ се одржал под покровителство на „Институтот за Демократија Константинос Караманлис“ кој е под контрола на помладиот Караманлис.
Според грчките медиуми сите овие активности и настани на кои учествува Пајет имаат за цел да се изградат мостови до Караманлис кој сеуште е влијателен член на Неа Демократија а едно крило во партијата сеуште е под негова директна контрола. На еден од настаните дури според медиумите се разговарало и за посета на Пајет на Серес од каде што потекнува еден од најсилните кланови во грчката политика заедно со политичките кланови Мицотакис и Папандреу.
Пишувањата во грчките медиуми за Караманлис треба да се гледаат преку призмата на нарушени односи на екс премиерот со американската администрација која што беше понижена од него на самитот на НАТО во Букурешт откако претседателот Буш најави дека Македонија ќе влезе во НАТО а Грција стави вето.
Подоцна американски претставници во документи објавени на Викиликс а пренесени од весникот „Та Неа“ рекле дека поради тоа Буш му се одмаздил на Караманлис и предизвикал масовни демонстрации по кои падна неговата влада.
Нарушените односи на САД со Караманлис се должат и на неговото отварање кон Русија со која потпиша договори за набавка на оружје и со Кина со што ги загрози интересите на Вашингтон.
Сега грчките медиуми тврдат дека и покрај тоа што од Караманлис досега не е официјално побарано, се очекува поддршка за решение за името со Македонија што би било вовед во подобрување на односите со САД каде што тој студирал.
Сето тоа е дел од планот во кој Македонија со помош на САД ќе се обиде да го заобиколи заклучокот од Букурешт за да влезе во НАТО без решено име. Според добро информирани извори на порталот 24/7 позициите на Караманлис ќе бидат тест, барометар за американската дипломатија дали може да се одоброволи Грција да дозволи влез на Македонија во НАТО за конечно стабилизирање на јужното крило на НАТО во Европа.
Досега Караманлис никогаш не направил ревизија на својата одлука од Букурешт а портпаролот на грчкото МНР од негово време Кумуцакос кој ќе биде иден министер за надворешни работи на Грција по следните избори изјави дека „не станува збор за промена на политиката од Букурешт која што има поддршка од сите Грци и политичките сили во земјата“.