Соединетите Држави ќе и дадат на Украина дополнителни 2 милијарди долари странски воени средства, изјави денеска државниот секретар Ентони Блинкен, пренесе Ројтерс.

Тој зборуваше на заедничката прес-конференција во Киев со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, додавајќи дека поддршката ќе биде насочена кон инвестирање во индустриската база на Украина.

„Сите очи се вперени во ситуацијата на истокот и североистокот, особено во Харков, така што последната поддршка што штотуку ја најавив, а особено дополнителните 60 милијарди долари финансирање, како што знаеме, доаѓа во критичен момент. Брзо доставуваме муниција , оклопни возила, проектили, системи за противвоздушна одбрана, брзо ги носиме на линијата на фронтот за да ги заштитиме војниците и да ги заштитиме цивилите…“, рече Блинкен.

Блинкен, исто така, повтори дека Соединетите Држави се фокусирани на испраќање ракетни системи Патриот и други критични средства за воздушна одбрана во Украина.

Блинкен, исто така, истакна дека САД не ја повикуваат Украина да напаѓа цели на руска територија со оружје доставено од Вашингтон, но верува дека Киев треба да донесе своја одлука за тоа.

Тој потсети дека пред една година во Хелсинки одржа говор во кој рече дека агресијата на Владимир Путин против Украина е стратешки неуспех. Тој повторно го покрена ова прашање во својот нов говор и го пофали „стратешкиот успех“ на Украина.

Блинкен сугерира дека Украина на крајот ќе победи, а поборниците на популарната теза дека времето е на страната на Путин грешат.