Садикарио од еврејската заедница: Борисов е навистина смел што доаѓа

Вистинска храброст е најавеното присуство на бугарскиот премиер Бојко Борисов на утрешното одбележување 75 години од депортацијата на македонските Евреи, смета Горан Садикарио, главен и извршен директор на Фондот на холокаустот и на Меморијалниот музеј на холокаустот во Скопје.

„Вакво нешто се случува првпат – официјален претставник, притоа и премиер на Република Бугарија, да присуствува на комеморативната церемонија за депортирањето на Евреите, и тоа на местото од кое е почната депортацијата – Монополот. Тоа е историски настан и ја поздравуваме смелоста на Борисов да дојде тој ден во Република Македонија“, изјави Садикарио за бугарската агенција БГНЕС.

„Ветриштата во Бугарија се менуваат. И веќе не се зборува само за спасувањето на бугарските Евреи, но и за депортацијата на тие од Тракија, од Македонија и од Пирот. Станува збор за над 11.000 Евреи“, додава тој.

Според него, „спасувањето на бугарските Евреи се должи на Бугарска православна црква, на граѓанското општество и на пратениците, кои ја спречуваат депортацијата. Тоа е светол пример во историјата на Втората светска војна. Благодарејќи на тој чин се спасени 48.000 Евреи. За жал, тоа не се рашири и кон останатите територии – Евреите од тие земји беа депортирани во логорите на смртта во Треблинка од тогашните бугарски власти“.

„Бугарија има светла историја, која е поврзана со осуетувањето на депортацијата, но треба да се гледа и другата страна на медалот – депортацијата од окупираните земји. Не може да се зборува само за едното, треба да се раскажува и за другото. Ние како еврејска заедница работиме со нашите колеги од Бугарија за да ја претставиме историската вистина за тоа што се случило тогаш. Секогаш да го спомнуваме спасувањето на 48.000 Евреи, но и за депортацијата на над 11.000“, вели Садикарио.

„Би сакал да упатам отворена покана кон бугарскиот премиер Бојко Борисов во една од своите следни посети на Република Македонија да го посети Меморијалниот музеј на холокаустот на Евреите од Македонија и одблиску да се запознае со историјата на Евреите, не само од Македонија, туку и од целиот регион. Во моментов во Македонија има четворица преживеани од холокаустот. Би било убаво додека се живи да се чујат лично од нив нивните доживувања и страдања“, заклучи членот на Меѓународната алијанса за спомен на холокаустот.