Ова го изјави новиот ген-сек на Алијансата истакнувајќи дека со тоа УКраина ќе добие посилна позиција за преговори со Русија кога и да започнат.
„Ќе мораме да направиме повеќе, сега е неопходно да се осигураме дека воената помош ќе стигне до Украина бидејќи клучно е, доколку одлучат да го сторат тоа, да можат да влезат во преговорите со Русија од силна позиција“, рече генералниот секретар на алијансата Марк Руте на прес-конференција пред дводневниот состанок на министрите за надворешни работи.
„Колку е посилна нашата воена помош за Украина, толку посилна ќе биде нејзината позиција во преговорите и толку побрзо ќе ставиме крај на руската агресија еднаш засекогаш“, додаде Руте.
Тој посочи дека рускиот претседател Владимир Путин не е заинтересиран за мир, дека руската агресија не покажува знаци на опаѓање, туку напротив, станува се посилна. „Путин продолжува да се залага за освојување на повеќе украински територии бидејќи мисли дека на тој начин може да ја скрши Украина и нашата решителност. Но, тој не е во право“, рече Руте.
Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО попладнево ќе разговараат со шефот на украинската дипломатија Андрије Сибих, кој ќе ги информира за актуелната состојба на бојното поле.
Руте одби директно да одговори на прашање во врска со предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски да се согласи на прекин на огнот со Русија доколку НАТО заштити делови од земјата кои се под контрола на Украина.
Тој рече дека веќе е одлучено иднината на Украина да е во НАТО, дека овој пат е неповратен, дека приближувањето се одвива чекор по чекор, но дека сега е клучно да се обезбеди што поголема воена помош за Киев да може влегуваат во преговорите од посилна позиција.