Руски аналитичар предвидува „Федерација Вардарска Албанија“!

„Федерација Вардарска Албанија“ е новото име на Македонија што ѝ го предвидува Ендрју Корибко, политички аналитичар роден во САД, а живее во Русија, новинар, соработник на повеќе портали и член на советот на експерти на Институтот за стратегиски студии и предвидувања при Руски универзитет за пријателство меѓу народите од Москва.

„Од САД инсталираната со државен удар ‘влада’ на СДСМ на Заев сака да го смени тоа (грчкото вето за НАТО и за ЕУ – н.з.), но единствениот начин на кој тој може да го стори тоа е ако се ослободи од уставното име на Македонија и со тоа да ја избрише земјата од картата. Не е важно дали таа ќе се вика ‘Нова Македонија’, ‘Северна Македонија’ или ‘Централна Балканска Република’, како што шпекулативно се известува, или дури и сопственото очигледно апсурдно предвидување на авторот за ‘Федерација на Вардарска Албанија’, но факт што е битен е дека таа нема да биде ‘Република Македонија’, име со полусвета аура што го зеде како факел на македонскиот идентитет низ неговата богата историја. Комесарот на ЕУ сигнализира дека очекува Заев да го смени името на Македонија следната година, што потоа ќе ѝ овозможи на земјата брзо да биде примена во ЕУ и во НАТО и со тоа да ја формализира нејзината окупација од западната елита“, пишува Корибко во анализата на порталот „Ориентал ривју“.

Уште во поднасловот на подолгиот текст насловен „Ќе биде ли Македонија остранета од картата во 2018“ тој излегува со црни прогнози за судбината на македонската држава.

„Иднината изгледа многу мрачна за Македонија со оглед на тоа дека новоинсталираната со државен удар прозападна ‘влада’ не губи време во отстранувањето на идентитетот на земјата и во распродажбата на суверенитетот на некои од нејзините непријателски соседи, кои би можеле да имаат кумулативен ефект на бришење на тоа што уставно е познато како Република Македонија од картата на светот по некое време в година и негово заменување со домашно реконституиран ‘федерализиран’ (внатрешно поделен) ентитет меѓународно признат со ‘политички коректен’ ‘компромисен’ прекар“, пишува Корибко.

Аналитичарот се осврнува и на најавата за отстранување споменици од проектот „Скопје 2014“, заклучувајќи дека „ако спомениците паднат, паѓа и Македонија, еднаш и засекогаш“.