Русија негодува што загуби од Македонија и од Чешка за извршното тело на Организацијата за забрана на хемиско оружје

Изборот на Македонија и на Чешка во извршното тело на Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) за периодот 2025-2027, а не на Русија, не ѝ се допадна на Москва.

На вчерашното гласање во Хаг за двете места резервирани за источноевропската група земји кандидатурата на Чешка доби 128 гласа од државите-членки, Македонија 86 и Русија 56, па членката на Советот за безбедност на Обединетите нации извиси како и во 2023 година.

„Русија во Хаг секогаш тргнуваше од важноста да се земат предвид позициите и интересите на секоја држава учесничка, приоритетноста на донесувањето одлуки со консензус и се залагаше за избалансиран состав на раководните и на работните тела. Сепак, сегашната ситуација со учеството во извршните тела на ОПЦВ е јасна потврда за кризата во која се втурнува нашата организација“, рече Владимир Тарабрин, шеф на руската делегација во ОПЦВ на конференцијата во вторникот.

ОПЦВ е основана во 1997 година, има 193 членки и во 2013 година ја доби Нобеловата награда за мир за својата „обемна работа за елиминирање на хемиското оружје“.