Русија за Макрон: Неговите изјави водат кон трета светска војна

Москва реагира на изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон дека Русија ѝ се заканува на Европа и предупредија дека таквите изјави може да го доближат Запад до нова светска војна.

Во обраќањето до нацијата во средата, Макрон рече дека Русија е „закана за Франција и Европа“ и дека војната во Украина е веќе „глобален конфликт“ и дека е отворен да разговара за проширувањето на францускиот „нуклеарен чадор“ над сојузниците во Европа.

„Таквата погрешна анализа води до фатални грешки“, рече Константин Косачев, влијателен руски пратеник, кој рече дека Макрон погрешно ја разбрал реакцијата на Русија на проширувањето и агресијата на воената алијанса предводена од САД кон Русија.

„Макрон манијакално им наметнува на своите граѓани, сојузници и на целиот свет сосема погрешен концепт за тоа што се случува – „Русите доаѓаат!“

Ваквите лажни заклучоци и лажни предлози водат кон амбис“, додаде тој.

Русија и САД се убедливо најголемите нуклеарни сили во светот и секоја од нив има над 5.000 нуклеарни боеви глави. Кина е трета со околу 500, потоа Франција со 290 и Обединетото Кралство со 225, според Федерацијата на американските научници.

Руските власти велат дека жестоката реторика на Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и другите европски сили во изминатите неколку дена едноставно не е покриена со силна воена моќ.

Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, се потсмева на тврдењата на Макрон дека Франција има најефикасна војска во Европа.

Путин во неколку наврати ги отфрли како бесмислици западните тврдења дека Русија еден ден би можела да нападне членка на НАТО алијансата, што според повелбата на алијансата ќе се смета за напад на сите 32 членки на алијансата.

Макрон предлага да распне „нуклеарен чадор“ над Европа