Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека надворешнополитичкиот пресврт на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во голема мера се совпаѓа со интересите на Русија.
„Новата администрација одеднаш ги менува сите конфигурации на надворешната политика. Ова во голема мера се совпаѓа со нашата визија“, рече Песков во Песков во вчерашното интервју за руската државна телевизија.
За односите меѓу Вашингтон и Москва, Песков рече дека постои потенцијал за брзо поправка на односите доколку двете страни продолжат да покажуваат политичка волја.
„Ни претстои долг пат, бидејќи вкупните билатерални односи претрпеа огромна штета. Но, ако политичката волја на двајцата лидери, претседателот Путин и претседателот Трамп, остане силна, тој процес може да биде доста брз и успешен“, рече Песков.
Пресвртот на американската надворешна политика кон Русија стана видлив веднаш по почетокот на вториот мандат на Доналд Трамп, а беше потврден на крајот на февруари кога Трамп и рускиот претседател Владимир Путин го одржаа првиот официјален разговор од почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година.
Според официјалните извештаи, разговорот бил насочен кон барање „дипломатско решение“ за војната, а Трамп потоа рекол дека „време е за мир“, што во Киев беше протолкувано како притисок врз Украина да се согласи на територијални отстапки.