Првичните пријателски и конструктивни позиции на двете страни кои беа поставени за време на посетата на премиерот Заев и министерот Димитров се претвориле во постудени и повнимателни дипломатски разговори на првиот ден од консултациите за договорот за пријателство.
Извор на expres.mk кој е добро упатен и во предходните разговори меѓу двете земји и кој е во контакт со експерти од бугарска страна вели дека постои шанса да се дојде до договорот и покрај тоа што засега двете страни се далеку од заеднички прифателив финален текст на договорот.
Бугарски извори кои ги познаваат позициите на официјална Софија и желбата за договор брифираат дека владата на Борисов е подготвена за искрен компромис кој што нема да биде навредлив за македонските граѓани.
Во Софија се свесни дека премиерот Заев е под силен притисок од македонската јавност и ќе направат се да не му ја отежнат ситуацијата но и од министерот Димитров се очекува конструктивност во подготовката на текстот со кој Борисов нема да го загуби образот кај своите гласачи.
За дел од проблемите двете страни веќе поставиле рамки кои што можат да добијат зелено светло од експертите историчари и организациите за човекови права но за дел сеуште нема соодветна рамка.
Неофицијално Македонија во знак на добра волја е подготвена да регистрира партија на Бугарите во Македонија и да ги вметне меѓу етничките заедници заедно со Албанците, Србите, Турците, Ромите и останатите етнички заедници.
Меѓу најтешките теми за кои што досега немаше никаква согласност од историчарите е заедничката историја која спред Софија е актуелната бугарска историја, и за таква треба да биде признаен целиот период пред 1944 година.
Сериозен проблем за решавање е признавањето на македонско малцинство во Бугарија кое што не е само политичко туку и колективно човекови право загарантирано со основните документи на Обединетите Нации и Европските институции.
Македонската страна не може да прифати да се откаже од своето малцинство во оваа земја и поради фактот што Судот за човекови права во Стразбур на официална Софија во две пресуди и наложи да ја регистрира партијата на македонското малцинство во оваа земја. Секое откажување од Македонското малцинство во Бугарија може да има сериозни реперкусии за македонската влада во смисла на јавно незадоволство.
За ова прашање се бараат неутрални решенија односно неспоменување на овој проблем и негово решавање во рамки на општи клаузули кои што во себе ќе ги содржат основните меѓународни решенија за овој проблем.
Решение има и за историските личности кои што двете земји ги сметаат како свои. Двете земји можат да ги прогласат за личности од светско или европско цивилизациско значење што е полесно за Македонија а далеку потешко за Бугарија која што од Цар Самоил, Григор Прличе, преку браќата Миладиновци и Никола Јонков Вапцаров, вклучително и Гоце Делчев ги смета за исклучиво сопствени историски личности.
Преговорите продолжуваат денеска. Комисиите од двете земји ги водат министрите за надворешни работи на двете земји Захариева и Димитров.
Дипломатски извори во Скопје ги поздравуваат напорите на Скопје и Софија на пријателски начин да ги надминат проблемите кои што за најголемиот дел од Европа се нелогични и премногу апстрактни.
Спорот меѓу Македонија и Бугарија според познавачите е еден вид на лакмус тест за Македонија која што е во исклучително тешка дипломатска позиција.
Доколку договорот не биде потпишан тоа ќе го намали притисокот кон Грција затоа што тогаш Атина ќе може да аргументира дека јужниот сосед не е единствената пречка и кривец за блокадата при влезот во ЕУ и НАТО.