Речиси 40 отсто од територијата на Бугарија е демографска пустина, со под 10 луѓе на квадратен километар!

Научник од Бугарската академија на науките (БАН) откри дека речиси 40 отсто од територијата на Бугарија може да се смета за демографска пустина.

Во 2021 година 39,3 проценти или 43,6 илјади квадратни километри влегоа во оваа категорија, според доц. д-р Николај Цеков од Институтот за население и човечки истражувања, објави агенцијата БГНЕС.

Демографските пустини се дефинирани како области со густина на населеност помала од 10 луѓе на квадратен километар. Вакви региони постојат во Европа, првенствено во северните делови на Финска и на Шведска.

„За жал, во Бугарија овие територии се шират многу брзо, со брзина поголема од падот на бугарското население“, предупреди доц. проф. Цеков.

Во 2001 година само 25 отсто од територијата на Бугарија се сметаше за демографска пустина, што укажува на зголемување од речиси 15 отсто на таквите области во последните две децении.