Тоа што две години целиот свет го чекаше, се случи попладнево во Париз. Рафаел Надал го освои својот десетти трофеј на еден од Гренд Слем турнирите, во случајов на Ролан Гарос, што не му пошло од рака на никого претходно. А финалето во Булоњската шума дури и немаше класична спортска возбуда зошто 3-0 во сетови и само шест освоени гема од Стен Вавринка говорат сами по себе дека Швајцарецот не парираше во ниту еден сегмент.
Доминацијата на 31. годишниот Шпанец од Манакор на Балеарите започна во 2005. година кога тој за прв пат славеше на Францускиот Гренд Слем, а и на голем турнир воопшто, по што во следните 13 изданија, само три пати не ја освои титулата за земја. Еднаш во 2009. година и во последните две. Во меѓувреме Надал победуваше и на Австралија Оупен еднаш, и на Вимблдон и на УСА Оупен по два пати.
Рафа сега има 15 Гренд Слем пехари и на вечната листа е зад Роже Федерер кој има 18, но пред Пит Сампрас со 14 и Рој Емерсон и Новак Ѓоковиќ кои имаат по 12.
Организаторот во текот на ова 116. издание објави дека Надал ќе добие статуа во непосредна близина на главниот терен на Ролан Гарос, како да знаеше и да навести ваков расплет на турнирот.