Македонската женска ракометна селекција од утринава во Скопје е на подготовки за средбите со Шведска која ни стои на патот кон Светското првенство. Станува збор за бараж натпревари кои ќе се играат на 10 јуни во Скопје и три дена подоцна во Истад, и по кои една од репрезенатциите ќе се најде на завршницата од мундијалот кој од 1 до 17 декември се одржува во Германија.
Селекторот Симе Симевски има освежување, засилување на тимот со враќањето на Миријета Бајрамовска, што за малку ни ги зголемува шансите за изненадување. Ние веќе петта година сме надвор од големите шампионати, последното учество ни беше на Европското во Србија во 2012. година, а скандинавките во меѓувреме беа на сите настани, вклучувајќи ги и Олимписките игри, а пред три години освоија бронза на континентален собир.
Значи објективно тоа ќе биде тешка мисија, но сложен беше и патот до овој плеј оф, а ние го минавме во декември иако проценките и тогаш говореа дека не сме фаворити.