Македонската машка ракометна репрезентaција замина за Украина, во градчето Суми каде утре (19.00) ќе го има петтиот натпревар од квалификациите за Европското првенство. Колку е тој важен најдобро отсликува табелата каде и ние и домаќинот, па и двете други селекции што се во група со нас имаат по 4 бода. И уште повеќе претпоставката дека со победа одиме на врвот и во голема мера си обезбедуваме новото учество на заршница од континентален собир, во случајот во Хрватска следниот јануари, а со пораз можеме да паднеме дури и на последната позиција во составот 4. Затоа сите во црвено жолто се под притисок да се остане непоразен во Украина, а потоа в недела (20.45) дома во Скопје да биде полагодно со Чешка. Проблем за селекторот Раул Гонзалез е што двајцата носечки Кире Лазаров и Ристовски одработеа само два тренинга вчера и што голема група играчи се најкласично “исцедени” од долгата и богата сезона. Но ниту тие имаат повод за алиби, ниту ние за страв, зошто Шпанецот ги знае добро, а и тимот е долго заедно, што претпоставува компактност.

Натпреварот Украина–Македонија е од квалификациите за Европското првенство во 2018. година е утре од 19 часот, а денеска (18.10) во нашата група 4 се среќаваат Чешка и Исланд.