Синоќешната величествена победа на машката ракометна репрезентација на Македонија над Словенија на стартот од Европското првенство во Хрватска ги инспирира и кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром да слават среде Загреб, декласирајќи ја Цибона со 92:77, по четвртини 15:19, 26:19, 30:18 и 21:21.
Само третата победа во 16 настап во АБА-лига сезонава ги оживеа надежите на македонскиот шампион за спас во последен час од испаѓање од јадранското кошаркарско друштво. Тимот на Жељко Лукаиќ има две победи помалку од Олимпија, првата екипа пред него на место што и во наредната сезона обезбдедува учество во регионалното натпреварување.
„Серијата порази долго траеше. Ме радува што ги задржавме нивото на концентрација и формата. Видовме во што грешевме и се обидовме да го исправиме тоа. Желба ни е да ја спасиме сезоната. Добро е да се добие еден ваков голем тим на негов терен. Се враќаме дома со насмевка“, изјави Лукаиќ.
„Нам оваа победа многу ни значи, посебно по толку порази. Шансите за опстанок ни се мали, но додека ги има – веруваме“, додаде Доминик Мавра, кој беше најкорисен играч на средбата со индекс 34, забележувајќи дабл-дабл од 18 поени и 10 асистенции, а запиша и шест скока.
Мавра беше еден од дури шестмина „металци“ со двоцифрен број поени, покрај Дамјан Стојановски (18), Марко Симоновски (16), Радосав Спасоевиќ (15), Јуре Лалиќ (12) и Бојан Трајковски (10).
До крајот на лигата остануваат уште шест кола, а во следното МЗТ на 22 јануари ја пречекува Црвена звезда.