Радио станица од Полска предизвика полемика откако ги отпушти сите новинари и повторно почна емитување со спикери креирани од вештачка интелигенција. Станицата ОФФ од Краков соопшти дека „ова е прв експеримент во Полска со новинари кои се виртуелни ликови кои ги создаде вештачка интелигенција“. Радиото соопшти дека креирале три аватари кои се така дизајнирани за со прилозите за културата, уметноста и општествените прашања, вклучувајќи ги проблемите на ЛГБТ заедницата, да допрат до младите слушатели, пренесува Асошиејтед прес.
„Дали вештачката интелигенција е повеќе прилика или закана за медиумите, радиото и новинарството? Ќе бараме одговори на тоа прашање“, кажа директорот на радиото Марќин Пулит.
Оваа промена предизвикала внимание во цела Полска откако новинарот и филмски критичар Матеуш Демски, кој до неодамна водел емисија на тоа радио, во отворено писмо изразил протест „поради замената на вработените со вештачка интелигенција“.
„Тоа е опасен преседан кој нè погодува сите“, напиша Демски, додавајќи дека тоа би можело да отвори врата „на свет во кој искусните вработени кои со години биле поврзани со медиумскиот сектор и луѓето вработени во креативната индустрија би можеле а бидат заменети со машини“.
Демски за АП кажа дека петицијата која ја иницирал до вчера наутро ја потпишале повеќе од 15.000 луѓе. Кажал дека примил повици од стотина луѓе, меѓу кои млади, кои не сакаат да бидат заморчиња во таков експеримент.
Демски работел во радиото ОФФ од февруари 2022 година, водејќи разговори со избегани Украинци, до август, кога бил отпуштен со уште десетина новинари. Кажал дека му е особено шокантно бидејќи радио-станицата делумно се финансира од парите на даночните обврзници.
Директорот Пулит, пак, тврди дека отпуштањето следело бидејќи слушаноста била „речиси нула“.
Министерот за дигитализација и заменик премиер Кжиштоф Гавковски изјави дека го прочитал писмото на Демски и дека е потребна законска рамка со која ќе се регулира вештачката интелигенција.
„Иако сум поддржувач на развојот на вештачката интелигенција, мислам дека сè повеќе и повеќе се преминуваат некои граници“, порача полскиот министер на платформата Икс.
„Широката примена на вештачката интелигенција мора да оди во корист на луѓето, а не против нив“, додаде Гавковски.