Пу-пу не важи: Тие што бараа 72-часовна работна недела – се пишманија, сега ветуваат скратена

Најавата за скратена работна недела, од 35 часа, е само предизборен маркетинг и залажување на народот. Во ваква ситуација, кога државата кубури со кадар, несериозно е да се даваат вакви паушални изјави, сметаат од Сојузот на синдикати на Македонија. И бизнисмените ваквите најави ги оценуваат како предизборен маркетинг кој немаат врска со реалноста. Од ССМ сметаат дека во Македонија не може да функционира скратена работна недела од 35 часа, бидејќи на работодавците од приватниот сектор и 40 часа им се малку, пренесе Вечер. Тие сакаат работниците да работат 48, а да им платат само 40 часа. На работодавачите, на кои им фалат работници, сметаат дека никој не е подготвен да се намалат работните часови, а да се задржат платите.

Во рамките на новата изборна програма, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека работната недела ќе се скрати на 35 часа во три сектори, со цел да се зголеми продуктивноста и да се создадат нови работни места. Оваа промена, која се очекува да стапи на сила доколку СДСМ и коалицијата останат на власт, не предвидува намалување на платите за работниците. Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека најавите за скратена работна недела се самозалажување на народот и потсетуваат дека истата оваа Влада пред една година предлагаше 72-часовна работна недела.

  • Да не даваат паушални и популистички изјави затоа што истата таа Влада минатата година предложи 72-часовна работна недела. Ако сакаа да ја скратат работната недела, зошто не го направеа тоа додека беа на власт. ССМ сè уште стои на барањето работната недела да се скрати на 36 часа, односно петок да се работи само 4 часа, со тоа што работниците ќе бидат попродуктивни и помотивирани. Овој наш предлог не беше прифатен, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател на Сојуз на синдикати на Македонија.

И бизнисот смета дека најавата за скратена работна недела е само предизборен маркетинг и додаваат дека во ваква ситуација кога кубуриме со кадар, ова е невозможно.

  • Нам ни фалат часови, а не пак да ја кратиме работната недела. Никој не е подготвен да се намалат работните часови, а да се задржат платите. Тоа може да се примени во државната администрација, но не и во приватниот сектор. Приходите на компаниите директно зависат од оствареното производство, а тоа, пак, од работните часови. Што значи, ако се работи помалку, ќе се земе и помала плата, но тоа не е во интерес на работниците. Ние не можеме да се рамниме со европските држави, кои остваруваат најголем дел од приходите од услуги. Во држави како нашата, каде што доминира преработувачката индустрија со високо учество на работната сила, ова е невозможно, изјави за ВЕЧЕР, Ангел Димитров, од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Според него, оваа идеја може да се реализира во услужните дејности, бидејќи, како што вели, приходите од каматите на банката нема да се намалат ако работи банката четири дена. Но, во производство тоа не е така. Битиќи смета дека 7-часовен работен ден може да се воведе во најмалку три сектори од 1 јануари 2025 година.