Руските специјални служби го зајакнаа и онака невидено високото ниво на безбедност на рускиот претседател Владимир Путин. Особено за време на настани на отворено, oбјави „The Moscow Times“, повикувајќи се на двајца руски функционери, блиски до Кремљ.
Според еден од нив, кој лично се сретнал со Путин неколку пати за време на неговите јавни настани, забележал дека Путин почнал да носи панцирен елек уште во 2023 година по препорака на Федералната служба за безбедност и Претседателската служба за безбедност.
„Кремљ ја сфаќа безбедноста на Владимир Путин многу сериозно. Тој е заштитен од цела армија видливи и невидливи чувари“, изјави руски функционер кој присуствуваше на парадата за Денот на победата на 9 мај.
Тој, како и сите руски извори интервјуирани за оваа приказна, зборуваше за The Moscow Times под услов да остане анонимен поради чувствителноста на предметот.
Меѓу факторите на ризик за Кремљ се налогот за апсење на Путин од Меѓународниот кривичен суд (МКС) по обвиненијата за воени злосторства, како и ризикот од украински беспилотни летала и напади од исламистички радикали, рече втор официјален претставник.
Тој додаде дека Кремљ е во особено висока готовност по атентатот на јапонскиот премиер Шинзо Абе во 2022 година и минатомесечниот обид за живот на словачкиот премиер Роберт Фицо.
Кремљ јавно соопшти дека нема потреба да ја зголемува безбедноста.
„Безбедносните мерки се на стандардно ниво. Правиме се што треба да се направи за да се обезбеди безбедноста на претседателот“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за новинарите во мај по обидот за атентат врз Фицо.
Во реалноста, специјалните служби го контролираат практично секој аспект од животот на Путин, сè до тестирање на сите негови оброци за отров со помош на пренослива лабораторија, рече извор близок до Кремљ.
„Претседателот има лични готвачи кои секогаш патуваат со него. Со него се носат и намирници“, изјавил изворот за The Moscow Times.
„Но, дури и тогаш, секогаш има посебна група офицери кои патуваат со Путин кои ги проверуваат сите оброци пред Путин да дојде до нив“.