Британски академик: Притисокот за ново име на Македонија е опасен

Џејмс Петифер, професор по балканска историја на колеџот „Сент Крос“ од Оксфорд, како и член на Факултет по историја при Универзитетот во Оксфорд, предупредува на опасностите за регионот од притисокот за преименување на Македонија.

„Ги познавам најголемиот дел од академиците со вистинска експертиза за македонското прашање и сите ние сметаме дека постојат големи опасности за регионот во сегашните напори на САД/Сорос да притиснат за ново име на државата“, напиша британскиот академик, автор и новинар на својот профил на „Твитер“ на 8 јануари.

Ден подоцна тој ќе реагира и на написот на „Мета.мк“ насловен „Тврдокорни’ повикуваат на граѓанска непослушност“, во кој се известува дека ова здружение на граѓани, заедно со Светски македонски конгрес, „Преродба“ и Македонски обединети сили објавија повик за граѓанска непослушност како средство за спротивставување на „политичкото насилство врз македонскиот народ“.

„Наполно предвидлив одговор на проблемите предизвикани од политиките на Владата во Скопје“, коментира Петифер, кој за идентификација на државата Македонија ги користи и нејзиното уставно име, како и референцата во Обединети нации.

Експертот за Балканот е автор на книгата „Новото македонско прашање“ објавена во 1999 година и рекламирана како: „Македонското прашање беше во срцето на балканските кризи во најголемиот дел од овој век. Оваа книга ги спојува меѓународните експерти за анализа на поновата историја на Македонија од распадот на Југославија и вклучува анализи на клучните прашања во етничките односи, политиката и поновата историја“.

Од 2002 до 2006 година Петифер беше визитинг професор на Државен универзитет во Тетово, а визитинг професор бил и на Институт за балкански студии од Солун.