„Не прави им го на другите тоа што не сакаш на тебе да ти го прават“. „Не плукај во бунарот од кој пиеш вода“.
Тешко дека некој од тие што на Денот на албанското знаме го сквернавеа македонското слушнале за првата мудрост, уште помалку за нејзиниот автор, кинескиот филозоф Конфучиј. Попрво чуле за втората, оти за да видат бунар не мора да одат дури до Кина, арно ама додека се изживуваа врз симболот на државата што ги храни и пои не ќе да беа под дејство на – вода.
Едно е сигурно – не ја сфатиле пораката од двете максими. За такво нешто се неопходни барем минимално образование, колку-толку функционална сива маса меѓу ушите и поглед на нештата околу себе што досега троа подалеку од сопствениот нос. А на тие што го палеа, кинеа и дрифтаа врз знамето на земјата во која живеат додека го славеа тоа на матичната повеќе од јасно е дека им недостига по некој, ако не и сите од наведените предуслови за здраворазумско расудување и за пристојно однесување.
Но, тука не станува збор (само) за не(до)едуцираност, за малоумност или за неизживеаност, туку за нешто многу посериозно. Посегнување по знаме зборува за фрустрација во дијапазон од непочитување до отворена омраза на тоа што го претставува парчето ткаенина. Истовремено покажува и самоувереност дека поигрувањето со системот и со чувствата на мнозинството граѓани ќе помине неказнето како многупати порано. Ако не е така, зошто „фраериве“ не слават со пукање со автоматско оружје во воздух и со уништување на државното знаме во Швајцарија, Германија, Италија, Белгија, Шведска, САД?
Тоа што, очигледно, Македонија им значи колку ланскиот снег, односно не ја доживуваат како заеднички дом со Македонците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и со сите други што живеат во неа, не ги ослободува од почитување на поредокот. Од многу состојби не се задоволни ни припадници на други етникуми, па не ни помислуваат да се истурат врз државните симболи, свесни дека со тоа би си ја сечеле гранката на која седат, бидејќи Македонија е и нивна исто колку на мнозинството и на најголемото малцинство.
За среќа, овојпат не изгледа сè толку црно по најновата атака врз меѓуетничката толеранција. Вреди да се одбележи јавната и јасна осуда од коалицијата „Вреди“, наспроти самонаречените интегративци, кои по кој знае кој пат се затворија во своето национално трло и неодбранливото го бранеа со напад врз – полицијата?! Иако и во албанскиот дел од власта не се сите цвеќиња за мирисање, на конкретниов пример го положија испитот на зрелост и, како во рекламата, покажаа дека „не е сеедно“ дали „Вреди“ или ДУИ. А со самото тоа и оти има надеж за Македонија.