Пронајдена дрога и уапсени двајца дилери при полициска акција по кафулиња и на концерт

Синоќа од страна на полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје, биле извршени контроли во повеќе угостителски објекти, на излетнички места како и на концерт за време на музичка манифестација во Скопје.

-На 05/06.07.2024 година, од страна на полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје, беше спроведен план за контрола во повеќе угостителски објекти, излетнички места и на концертот “Skopje Calling”, соопшти министерот Тошковски.

Во рамките на извршената контрола, лишено од слобода е лицето И.П. (42) бидејќи кај истиот при преглед на импровизиран бункер во моторцикл кој го управувал без возачка дозвола, пронајдени се 13 паковки со непозната бела прашкаста материја. Дополнително, во ташничка под седиштето на моторциклот се пронајдени 60 банкноти во апоен од 50 евра и 5 банкноти во апоен од 1000 денари. По консултација со дежурен јавен обвинител, одземени се паричните средства и мотоциклот, по што И.П. е задржан во полициската станица за понатамошна постапка.

Исто така, при преглед на лицето А.К. (20) пронајдена е непозната растителна материја.

Во рамките на контролната акција, било извршено легитимирање и преглед на вкупно 29 лица и 5 патнички моторни возила.

-Министерството за внатрешни работи останува посветено на борбата против трговијата со дрога и во наредниот период ќе продолжи со преземање на интензивни мерки и активности насочени кон сузбивање на овој, но и на секаков друг вид на криминал- пишува Тошковски.

Во координација со јавен обвинител против лицата ќе бидат поднесени кривични пријави по член 215 од Кривичниот законик.

Фото: Facebook