Официјалните статистики покажуваат дека прометот во продавниците на 31 јануари бил ист или дури и поголем во однос на претходните денови. Според податоците на Даночната управа на ентитетот Федерација БиХ, продавниците оствариле промет од 52,1 милион евра, што е дури повеќе од ден претходно кога изнесувал 51,9 милиони, и значително повеќе во споредба со една недела претходно кога прометот бил 47,2 милиони.
Сличен извештај има и Даночната управа на ентитетот Република Српска, каде на 31 јануари е евидентиран промет од 20,3 милиони евра, што не е значителен пад во однос на претходната недела, кога прометот изнесувал 21,8 милиони евра.

Тие бројки предизвикаа сомнеж меѓу организаторите на бојкотот и дел од јавноста, бидејќи бројни граѓани и медиуми известуваа за значително испразнети продавници и трговски центри. Фејсбук групата Бојкот БиХ, која има над 50.000 члена, извести дека продавниците забележале значителен пад на прометот и најави продолжување на бојкотот.
Се поставува прашањето дали зголемено индивидуално трошење на купувачите на денот на бојкотот може да го надомести намалениот број трансакции или податоците се пак резултат на манипулација за да се намали ефектот на акцијата.
И покрај неочекуваните статистики, организаторите на бојкотот не се откажуваат и најавуваат нови, подолготрајни акции со цел притисок на трговските ланци да ги намалат цените и да обезбедат пофер услови за потрошувачите. Се планира повеќенеделен бојкот, како и промовирање алтернативни облици на набавка на производи директно од произведувачите и локалните трговци. Така за работните денови, од понеделник до петок 6 февруари организаторите ги повикаа граѓаните на редуцирано купување, додека во петок и сабота, 7 и 8 февруари, повикуваат на целосен бојкот на продавниците.
Ден пред бојкотот, владата одлучи да ја продолжи кампањата „Ограничени цени“, која подразбира ограничување на маржите на одредени производи. Опфаќа некои основни прехранбени производи. Оваа кампања трае од март минатата година, а вклучува 73 видови производи.

Во Црна Гора граѓаните ги бојкотираа големите трговски ланци поради енормно високите цени на основните прехранбени производи. Големите трговски синџири не се изјаснија за ова прашање. Организации, синдикати, па дури и премиерот Милојко Спајиќ повикаа на бојкот по примерот на акцијата во Хрватска.
- „Многу производи што ги увезуваме од Србија се поевтини овде отколку во Србија токму поради оваа кампања. На пример. Кај нас меленото говедско месо чини 7,49 евра, во Србија 9,61 евро, а во Хрватска 11,10 евра“, вели Ѓељошај.
Во Црна Гора инфлацијата од 2021 до 2024 година изнесува 30,5 отсто, додека цените на храната се зголемени за дури 41 отсто, покажуваат податоците на Заводот за статистика.
Бојкот на маркетите во петокот имаше и во Македонија.