Пријавил ли премиерот Заев двајца министри во обвинителството за корупција?

Двајцата владини функционери за кои што премиерот Заев најави дека се под истрага за корупција до обвинителството ги пријавил премиерот Зоран Заев.

Ова е единственото сценарио во кое што не е прекршен законот и строгите процедури на јавното обвинителство за тајност на тековни истраги, тврдат извори во Основното Јавно Обвинителство кои инсистираат на анонимност.

Според нив Заев за двајцата министри под истрага можел легално да знае ако самиот тој или неговиот кабинет по негов налог испратил пријава за корупција до Јавното обвинителство.

Секој друг начин кој премиерот го искористил за да дојде до оваа информација значи прекршување на законот според кој освен надлежните и тоа специјално именувани истражители и обвинители никој друг однадвор не смее да знае било какви детали за тековни истраги.

Доколку Заев не е тој што го информирал ЈО тогаш и тој и ЈО мора да побараат специјална истрага која што ќе утврди како оваа високо доверлива информација е дојдена до премиерот а со тоа и до целата јавност затоа што тој истата ја сподели јавно.

Со објавата на премиерот за двајцата функционери за кои вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска рече дека се министри, на нив двајца но и на сите други министри и владини функционери им е даден сигнал да внимаваат односно им е дадено време доколку можат, да скријат евентуални траги за корупција или да влијаат на сведоци уште во предистражната постапка пред да се дојде до обвинение.

Другата варијанта на овој случај е изјавата на Заев и истрагата на ЈО да бидат искористени за пропагандни цели, односно по истрагата обвинителството да објави дека не се најдени докази за корупција што подоцна ќе биде користено како аргумент дека оваа влада навистина се држи до принципот на чесно и одговорно работење. Од таму логично е премиерот самиот да побарал истрага за двајцата министри со која ако биде утврдена одговортност ќе постигнат политички поени во контекст на одговорна влада.

Во јавноста има многу шпекулации за имињата на двајцата министри но засега никој не објави за кого се работи.