Пишува Димитар Љоровски Вамвакоски
Во македонската историографија најчесто е пишувано за „Децата бегалци“, продукт на Граѓанската војна во Грција (1946-1949). Овој процес во грчката историографија е наречен „Педомазома“, т.е. „собирање на децата“, што впрочем значеше евакуација од страна на ДАГ на околу 28 000 деца (поголемиот дел Македонци) од воената зона и преселени во источноевропските држави.
Паралелно со овој процес се случуваа и „Педополисите на кралицата Фредерики“ (детските градови на кралицата Фредирики). Впрочем ова беше обратен процес: околу 18 илјади деца ќе бидат преселени од регионите под контрола на ДАГ, најчесто македонски села, во областите контролирани од грчката влада.
Исто така, во „Педополисите“ во повоениот период биле доброволно, но и насила сместувани деца кои се вратиле во Грција од источноевропските држави.
За време на отворањето на првиот Педополис, кралицата Фредерики во свечениот говор изјавила дека „тој е првиот плод на единството на грчкиот народ“ и дека децата кои живеат таму не се сирачиња туку „деца на сите Грци“. Меѓутоа, вистината сепак била поинаква.
Во домовите немало само сирачиња, туку и деца насилно одземени од своите родители, посебно од македонските семејства, или деца чии родители биле во редовите на ДАГ, а се со цел тие да не бидат „заразени“ од македонштината или комунистичката идеологија.
Тоа го потврдува и еден претставник на Министерството за социјални грижи кој изјавил дека децата морале да се соберат во домовите „за да се згрижат соодветно и да не станат жртви на болести или на антинационални верувања“.
Во 1996 година медиумите во САД почнаа да пишуваат за еден случај на кој дотогаш не му се даваше значење. Така, во „Њујорк Тајмс“ од 13.4.1996 излегува со текст: “Приказни за украдени деца и изгубени идентитети. Одгласите на грчкиот скандал во Њујорк “. И да, навистина се најавуваше скандал, скандал што значеше посвојување на неколку илјади деца од Грција во САД во периодот од 1950-тите и 1960-тите година. Во јуни 1963 година во магазинот „Нова економија“ пишува:
“По повод доаѓањето на 10.000 дете усвоено од страна на Американците од Грција, во Белата куќа се одржа свечена церемонија“.
И ќе разберете, најголем дел од овие деца беа од „Педополисите“, а процесот директно контролиран од кралицата Фредерики. Таа во едно интервју од септември 1949 година, кажува дека троши многу време во педополисот Св. Андреј, каде што “се сместени 700 девојчиња на возраст од 6 до 14 години, разговарајќи со згрижувачките семејства кои беа заинтересирани да ги посвојат”.
Насловна фотографија во „National Geographic“, декември 1949 година:
Американски офицер држи во рацете дете од педополисот во градот Јанина.