Албанскиот претседател Илир Мета го искористи правото да не се изјасни за Законот за заштита на малцинствата, со кој првпат во историјата Албанија призна и бугарско, па тој стапи на сила по објавувањето во „Службен весник“ без неговиот потпис.
Парламентот го усвои законот во средината на октомври со гласовите на владејачките социјалисти и на опозициските демократи, кои додаоа Бугари на осумте признаени малцинства во земјата во првата верзија – македонското, грчкото, влашкото, српското, црногорското, бошњачкото, ромското и египќанското. Против беа пратениците од Движење за социјалистичка интеграција, основано токму од Мета во 2004 година, од кога му беше лидер до изборот за претседател на државата во април годинава, како и пратеникот од партијата на Грците.
„Албанските власти се свесни дека грешат, но потклекнаа пред заканите на Бугарија за ставање вето за започнување на преговорите за членство во ЕУ. Во Албанија, според сите пописи на населението, немало бугарско малцинство. Ова е геноциц врз Македонците и деформација на историјата и на вистината пред очите на Европа“, изјави Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво „Илинден“ од Тирана.
Остро реагираше и партијата Македонска алијанса за европска интеграција на Едмонд Темелко, која покрај нагласувањето дека во Албанија живеат и Македонци, а не Бугари, има забелешки за Законот и во однос на потврдувањето на старата практика на признавање македонско малцинство само во Мала Преспа, а не и во Гора, Голо Брдо и во други делови на Албанија.