Европската унија е подготвена да работи заедно и да ја поддржи новата влада во нејзините реформски напори а еврокомесарот за проширување Јоханес Хан повторно ќе прати тим искусни независни експерти предводени од Рајнхард Прибе, се наведува во денешното соопштение на еврокомесарот. Во него се вели дека експертите ќе треба да и помогнат и да ја советуваат новата влада за теми поврзани со владеењето на правото.
„Во групата ќе бидат вклучени истите искусни експерти кои го подготвија извештајот со препораките поврзани со пресретнатите комуникации во 2015 година“, пишува Хан, прецизирајќи дека нивната работа била вградена Итните реформски приоритети кои се дел и од договорот од Пржино.
Тој не прецизира точно кога ќе дојдат тие во земјата наведувајќи дека тоа ќе се случи скоро. Експертите, според наведеното, ќе направат анализа на сегашната ситуација, дополнување на претходните заклучоци и ќе дадат препораки за како да се одговори на загрижувањата поврзани со владеењето на правото кое назадуваше минатите години.
„Исто така побарав од шефот на делегацијата на Европската унија да разговара со новата влада пошироко за реформските приоритети поврзани со ЕУ,,со конкретни рокови и како ЕУ може да обезбеди помош и совет за тие реформи“, наведува Хан.
Во писменото соопштение еврокомесарот нагласува и дека тие остануваат посветени насоработка со новата влада, како и со опозицијата за да се врати земјата назад на евроинтегративниот пат кој граѓаните го сакаат и го заслужуваат.