Украинците сакаат мир, но не по цена да се откажат од Украина – порача украинскиот претседател Володимир Зеленски по средбите со европските лидери во Брисел.
Во објава на својот профил на Икс по самитот посветен на поддршката на Украина, Зеленски порача оти брзиот напредок кон мир во Украина е можен со конкретни чекори кои можат да ја запрат војната, да гарантираат безбедност и да обезбедат праведен и траен мир. Првиот приоритетен чекор, како што посочува, е воспоставување и целосна контрола на прекин на огнот по воздушен и воден пат.
Ваквиот првичен чекор, според Зеленски, е пролог за пошироко и сеофатно решение. Украинскиот претседател изрази благодарност за досегашната поддршка што неговата земја ја доби од Европа, додавајќи дека Украина е подготовена да работи деноноќно со партнерите од ЕУ и САД за постигнување мир.
Во овој контекст Зеленски најави дека претставници на Украина и Соединетите Држави ќе ја продолжат соработката и ќе имаат средба во Саудиска Арабија следната недела.
„Следниот понеделник планирам посета на Саудиска Арабија на средба со престолонаследникот Мохамед бин Салман. Потоа, мојот тим ќе остане во Саудиска Арабија да работи со нашите американски партнери“,рече Зеленски, додавајќи оти Украина е најзаинтересирана за мир.