Романија би можела да го избере својот прв екстремно десничарски претседател во недела (8 декември) на, според многумина, клучните избори за членката на ЕУ и НАТО што се граничи со Украина.
Екстремно десничарскиот политичар Калин Џеорџеску, поранешен висок државен службеник, ја шокираше источноевропската нација со победата во првиот круг од претседателските избори на 24 ноември.
Во недела, во вториот круг, тој ќе се соочи со Елена Ласкони, градоначалничката на еден мал романски град.
Се стравува дека под Џеорџеску, земјата, чие стратешко значење порасна по нападот на Русија врз Украина, ќе се приклучи на екстремно десничарскиот блок на ЕУ и ќе го поткопа европското единство.
„Исходот од вториот круг од претседателските избори се смета за референдум за идната надворешнополитичка ориентација на земјата“, изјави за АФП Мариус Гинеа, политиколог од Универзитетот ЕТХ во Цирих.
Во пресрет на вториот круг, кандидатката Ласкони истакна колку е голем влогот на овие избори во една од најголемите земји-членки на ЕУ, со околу 19 милиони жители.
Новинарката која стана политичар предупреди дека земјата се соочува со „егзистенцијална битка“ и „историски конфликт“ меѓу оние кои сакаат да ја „зачуваат младата романска демократија“ и оние кои сакаат „да се вратат во руската сфера на влијание“.
Анкетите, кои не успеаја да го предвидат успехот на Џеорџеску во првиот круг, сега му даваат 58 отсто поддршка, а Ласкони 42 отсто.
Откако во минатото го пофали рускиот претседател Владимир Путин, 62-годишниот Џорџеску сега избегнува да одговара на прашања за неговата проруска ориентација.
Тој е критичар на Европската унија и НАТО, но тврди дека не се залага за нивно напуштање, туку сака да ја стави Романија „на светската мапа“.
Како и неговиот идол, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Џеорџеску се противи на каква било воена помош за Украина.
Ако денес Романија е „сигурна, предвидлива земја усогласена со либералниот Запад“, победата на Џеорџеску „ќе ја усогласи земјата со Унгарија и Словачка (…) кои се стремат да го ограничат наднационалното влијание на Европската унија“.
Соединетите Држави предупредија во средата на „сериозни негативни последици“ доколку Романија се оддалечи од Западот. Индекс.хр