„Од тоа што сме го слушале, од она за што сме разговарале, мислам дека не ме лаже впечатокот, забележувам спремност да се најде, како што тие милуваат да кажат, некое „креативно решение“ за наш почеток на преговорите со ЕУ. Да потсетам уште еднаш. Непознат евроинтеграциски феномен е, за почеток на преговори, да треба да исполните услов: промена на уставот. Тоа, по мене е спротивно на темелните принципи и вредности на ЕУ“, вели македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во новогодишното интервју за весникот ВЕЧЕР.
Освен за евроинтегративниот процес, со претседателката Вечер разговара за актуелните политички случувања во земјава, за состојбите во армијата, за случајот „Артан Груби“, американската црна листа, еколошките предизвици…
За 2024 година, вели дека е македонска женска година
Дел од интервјуто што го води Елизабета АРСОСКА:
Претседателке, зад нас е 2024 година во која, на претседателските избори остваривте историска победа и станавте прва жена претседател на Македонија. Во 2024 година, Македонка стана втор човек на НАТО, а од Македонија е и жената херој, која се охрабри на 61 година да го роди своето прво дете. Беше ли тоа женска година?
-Да, македонска женска година. И да дополнам уште дека имаме директорка на Агенцијата за разузнавање и нејзина заменичка, за првпат, жена, член на Советот за безбедност, Комисијата за помилување со четири жени и тројца мажи, паритетна застапеност во Комисијата за млади, паритетна композиција на Комисијата за одликувања и признанија, аѓутантантка… Но, тврдам дека за ниту една од нив, не може да се каже дека е на таа функција само заради тоа што е жена. Не. Секоја од нив, прво е стручна и компетентна, а потем жена. Тоа е најважното. Џабе ви е да сте жена, односно женскоста, ако сте без знаење, стручност и компетентност. Инаку, нам жените, секој знае и признава дека ни е потежок животниот пат. Затоа ние имаме поголема шанса да бидеме постручни, покомпетентни, похумани, па еве, како што рековте, спремни сме и на 61 година да жртвуваме живот за нов живот, за дете. Тоа е доказ дека го респектираме животот. Ако создавате нов живот, ќе имате респект кон него, ќе сакате да го подобрите, да го направите поубав.
Како ја оценувате годината што измина?
-Тоа беше двојна година, со две лица. Јас сум на претседателската функција 7,5 месеци, Владата е шест месеци, значи, половина година. И претходната власт имаше удел во годината и сегашната, па граѓаните може да споредуваат. Како би ја окарактеризирала? Како година на подготовка за промени или како година во која ги поставуваме темелите или ги исцртуваме контурите на промените. Може кој како сака да гледа. Но граѓаните сакаат факти, реални нешта. Ако е во прашање борбата со корупцијата, ние гледаме реални акции. И кога се во прашање економските реформи, гледаме придвижување. Она што мене ме импресионира, еве јавно ќе кажам е, кога се огласуваат луѓе кои јас ги почитувам заради стручноста и компетентноста, па и социјалдемократи меѓу нив, кои ги поздравуваат мерките на оваа Влада… Работите почнаа да се придвижуваат.
Во оваа половина година, се смени дури и реториката на ЕУ. Граѓаните може да споредат дали во изминатите години претставниците на странските држави ја изведувале македонската химна на македонски јазик, дали говорите ги држеле на македонски јазик. Тоа нас многу ни значи, оти јазикот, културата, историјата се три во едно, нашиот најважен идентитетски триаголник. Убаво е кога ќе видите дека изразуваат респект, дека сме една мала но, почитувана држава. Тоа ве стимулира. Се разбира, не е лесно. Но, невозможно е, не сме ние волшебници преку ноќ да се смени сè. Ниту сум јас Питија, ниту Христијан Мицкоски е Мерлин, ниту господинот е Африм Гаши чудотворец. Ама, поинакви сме. Забелешки секогаш можете да давате. Критиката е здрава работа. Но, промените се гледаат и во начинот на управување и во односот. Говорам за тенденциите. Па, и кога меѓународната заедница е во прашање, отворено сме чуле изјави на стратешки партнери за признание и поддршка на промените. Тоа се скромни, но сигурни чекори. Кога велам сигурни, сакам да кажам дека кога нешто е сигурно, не може лесно да запре. Јас очекувам промени и мислам дека, тоа и вам и на сите им го посакувам, Новата година да ја помните по добро, да биде подобра и од подобрите претходно. Да направиме човечки исчекор, демократски исчекор, бидејќи има ситуации што и друг пат сме ги виделе, катарзични ситуации, кога веќе нема кај да одите, кога сте доведени до ѕидот на срамот. Мислам на националното самоуништување, или толерирањето на уништувањето, или на уништувањето на природата што претставува човечки суицид. Или, заборавањето на нашето најголемо богатство, младите, умните, кои веднаш ги препознаваат надвор. Да ги задржиме овде. А, можно е, мислам.
Цело интервју на овој линк