„Престанете со валканите политички игри“, се огласи „Комуналец“ откако си лапна глоба поради неработење

Престанете со валканите политички игри, ниските удари и обидите да го компромитирате претпријатието – реагираат од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје откако градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска информира за поднесена прекршочна пријава против претпријатието поради нередовно собирање на отпадот на територија на општината.

  • И самиот сте добро запознат дека отпадот во Општина Кисела Вода се собира и транспортира континуирано и секојдневно без никаков застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комунален отпад од подрачјето на Град Скопје. Во текот на јуни на територијата на општината се подигнати и транспортирани приближно 1 400 тони комунален отпад. Континуирано се реализираат и рачно и машинско метење, машинско миење на булеварите со употреба на автоцистерни“, се вели во реакцијата на ЈП „Комунална хигиена“.

Од претпријатието посочија дека минатиот месец биле расчистени и 100 кубни метри отпад од голем број диви депонии на територија на општината и велат оти дека досега требало да бидат поднесени пријави против оние што секојдневно ја загадуваат животната средина и го загрозуваат јавното здравје преку несовесно и непрописно одлагање огромни количества отпад на јавни површини.

Претходно денеска градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, информира дека против Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје е поднесена прекршочна пријава во износ од 1 500 евра поради ненавремено и нередовно собирање на отпадот во Општината. Пријавата е поднесена од страна на советник комунален инспектор во Општина Кисела Вода, по направен вонреден инспекциски надзор на територија на Општината, а по претходно добиена пријава од граѓани.