Со доаѓањето на летото постојано сте во размислување за викенд или одмор на некоја блиска дестинација. Ние овој пат ви го нудиме убавото Преспанско езеро.
Преспанското Езеро е помеѓу планините Галичица на запад и Пелистер на исток, на надморска височина од 853 метри. Езерото кое има вкупна површина од 275 квадратни километри го делат 3 држави: Македонија, Албанија и Грција. Преспанското Езеро има неправилна форма и е издолжено во правец север-југ од 29 километри, а широчината му достигнува 17 километри. Најголемата длабочина е 54 метри. ПреспанскотоЕзеро е интересно по разгранетоста на брегот со заливи, полуострови, песочни плажи и еден мал остров кој се вика Голем Град. Овој остров е познат по остатоците од стара населба и по разновидниот растителен и животински свет. Островот го населуваат голем број на змии.
На крајниот југозападен дел од Република Македонија, Преспанското како и Охридското Езеро настанало за времето на плиоцент со спуштање по должината на раседите во земјината кора. Во Преспанското Езеро се регистрирани 24 ендемични таксони. Од животинскиот свет значајна е фауната на рибите која што се одликува со висок степен на ендемизам. Од вкупно 13 видови риби, 6 се ендемични. На подрачјето на Преспанското Езеро се среќаваат многу видови птици од “CORINE” листата. Преспанското Езеро од 1995 година се наоѓа на Светската листа на значајни водни живеалишта.
Пеликанот, како една од најкрупните птици кои живеат на вода, главно, во потоплите краишта, кај нас го има единствено на Преспанското Езеро. Секоја година, јата од сто птици организираат шестмесечен престој во Преспа. Останатиот период го минуваат во јужните предели на Земјината топка. За време на есенската преселба, пеликаните се собираат во јата и, по еднодневно кружење над Преспанската котлина, се упатуваат кон своите зимувалишта. Пеликанот не нурка под водата, туку само плива на површината. Начинот на кои ловат е интересна глетка. Со силниот инстинкт ги открива јатата риби и штом ќе долета до целта, до него слетуваат јата корморани, кои гонејќи ги рибите, со нуркање создаваат симбиоза во заедничката исхрана.
Во текот на последниве три децении на Преспанското Езеро долетуваат и лебеди, што порано не беше случај. Во јата од четири до осум птици доаѓаат на пролет или на есен и се задржуваат по два-три месеци. Во споредба со пеликаните, лебедите се припитомуваат, најмногу преку подавање храна.
Исто така, многу интересна појава е тоа што водата од Преспанското Езеро преку подземни канали низ планината Галичица истекува кон пониското Охридско Езеро, во вид на повеќе силни извори. Северниот дел на езерото е богат со вегетација и со разни видови на птици, заради што е прогласен за природен резерват („Езерани“). Прекрасниот пејсаж, речиси недопрената природа, пријатната клима и чистиот „лековит“ воздух се причина во последно време Преспанското Езеро да привлекува сè повеќе туристи.