Даниел Ендрјуз, премиер на австралиската сојузна држава Викторија, кој на вчерашното одбележување во Мелбурн на Денот на независноста на Грција рече дека „Македонија е грчка исто како Партенон“, деновиве се соочува со скандал со злоупотреба на парламентарни фондови од повеќе министри и пратеници од неговата Лабуристичка партија.
Премиерот „жали“ што 388.000 долари од парламентарни фондови за изборна кампања биле злоупотребени од негови сопартијци во изборите во 2014 година, по кои тие станаа министри во неговата влада и пратеници во Парламентот на Викторија, но тој нема намера да поднесе оставка, бидејќи во меѓувреме ги вратиле парите.
Државниот омбудсман во средата објави извештај во кој наведе 21 пратеник на лабуристите, сегашни и поранешни, кои ги прекршиле парламентарните правила. Тие користеле фондови од даночните обврзници наменети за персоналот во изборните канцеларии, со кои ги плаќале своите офицери за кампања, т.н. бригада „црвени маички“, задолжена за ширење на партиските пораки.
„Жалам што се случи тоа и навистина најважно е тука да докажеме дека сме искрени во извинувањето“, изјави тој, додавајќи дека не гледа потреба министрите и пратениците опфатени со скандалот да дадат оставки поради тоа што парите се веќе рефундирани.
„Овој потег нема да го положи ‘тестот на јавноста’ меѓу гласачите, открива интерен извештај“, пишува британскиот весник „Гардијан“, мислејќи на изборите во ноември.
Даниел Ендрјуз вчера се „прослави“ со антимакедонската изјава во Мелбурн.
„Големиот Гаф Витлам (премиер на Австралија од 1972 до 1975 година – н.з.), голем филхелен (гркофил – н.з.), стоејќи на бината на фестивал во Мелбурн, нагласи дека ‘Македонија е исто толку грчка колку и Партенон’. Сметам дека тој многу добро го кажа тоа. Тоа е и негов поглед, и мој поглед. Тоа е здравиот разум“, рече претседателот на Владата на Викторија.
Блискоста на Ендрјуз со грчката заедница во Австралија се гледа со неговото присуство на речиси сите нејзини манифестации во Викторија, каде што, според грчки медиуми, над 110.000 жители дома зборуваат грчки. Во декември минатата година тој беше во посета на Грција, чиј претседател Прокопис Павлопулос му се заблагодари за поддршката на Австралија за грчкото барање за враќање на мермерните делови од Партенон.