Ова во гостување на ТВ Алфа синоќа го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Според Николоски, премиерот Христијан Мицкоски добил покана за инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, која ќе се одржи на 20 јануари.
„Премиерот доби покана, што е ретка работа. Oд регионот веројатно е единствен што ќе присуствува на инаугурацијата. Тоа е огромна чест, огромна привилегија и нешто што многу говори, покрај за државата, и за него лично – како е доживеан и како е ценет во најсилната држава во светот“, изјави Николоски.
Тој изрази убедување дека премиерот оваа пригода ќе ја искористи за да ја претстави државата во најдобро светло, но и да ги презентира македонските национални интереси.
„САД се сила број еден во светот и партнер број еден на Македонија и не е сеедно какви односи ќе имате со нив. Тие влијаат од цената на електричната енергија и гасот до најкрупни процеси, во смисла на интегративни процеси и не е сеедно каков став ќе имаат во однос на политиките коишто ги води Македонија.
Треба да сме паметни и да градиме партнерства кои ќе бидат искрени, да не бидат само продукт на интереси, туку и на заеднички ставови и вредности коишто ги делиме.
Гледам добра можност за зголемување и подобрување на соработката со САД.
Треба да сме свесни за големината на државата, сепак, ние сме во малите држави во светот и секако дека не може да очекуваме да има континуиран фокус на нас, но во моментите кога има фокус не е сеедно каков став ќе заземе силата број еден во светот“, рече Николоски.