Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи не сметал дека државите-членки на Европската унија би ги преразгледале условите за пристапувањето на Македонија.
„Критериумите се многу јасни од 2022 година наваму, кога беше прифатена Преговарачката рамка. Тие треба да бидат исполнети и во таа смисла не очекувам некаква промена. Не сметам дека државите-членки ќе сакаат да преразгледаат некој од условите. Јасно е дека тие треба да бидат исполнети“, инсистира Унгарецот во изјава за бугарската агенција БГНЕС, и покрај тоа што, на пример, при крајот на минатата година Брисел за Србија реши поинаку.
Советот на министри на ЕУ побара од Европската комисија и од шефот на европската дипломатија Жозеп Борел итно, пред крајот на јануари 2024 година, на Советот да му предложат измени на критериумите за Поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија, со цел во него да се вклучат и обврските кои произлегуваат од Договорот за пат кон нормализација меѓу Косово и Србија и неговиот анекс за имплементација.
„Се надевам дека веднаш по изборите новата влада во Северна Македонија да ја преземе оваа работа и да продолжи напред со исполнувањето на критериумите“, додаде Вархеи.